Во британското гратче Сендвич се обележале 250 години од пронаоѓањето на сендвичот. Благодарение на грофот Џон Монтагу, кој од готвачот побарал да му донесе парче месо помеѓу две парчиња леб, денес луѓето ширум светот го јадат ова популарно јадење. Мештаните на гратчето сендвич, кое се наоѓа на југоистокот на Англија, облечени во костуми од 18 век ја реконструирале ноќта кога грофот Џон, четвртиот гроф од Сендвич, побарал од готвачот да му го направи првиот сендвич на светот.

Тој бил вљубеник во играњето карти, па го замолил готвачот да му донесе две парчиња леб помеѓу кои ќе стави месо како не би ја прекинувал играта. Легендата вели дека од тој момент луѓето почнале да нарачуваат „истото што и Сендвич“, па така ова јадење го добило своето име. Сегашниот гроф од Сендвич, инаку имењак на својот славен предок, ќе приреди свечен ручек во чест на јубилејот. Британската асоцијација за сендвичи вчера го отворила фестивалот во чии рамки ќе биде организиран избор за најдобар сендвич.