Со женска поезија и концерт на „Летечки пекинезери“ вчеравечер во Јавна соба и официјално беше затворено второто издание на меѓународниот Фестивал на европската литература „BookStar“, кој започна на 24 октомври 2016 година и траеше до 11 ноември. Овие 19 дена секојдневно на понудата на фестивалот имаше некаков книжевен и друг вид културен настан, вкупно 25 на број! Скопје и скопјани имаа можност да присуствуваат на осум книжевни промоции, четири директни средби со писатели, седум концерти, две филмски проекции, една трибина, креативна работилница, читање приказни со Лабина Митевска и саем на книгата во просториите на издавачката куќа „Антолог“.
– На ден пред почетокот на Фестивалот „BookStar“ и самите бевме малку скептични кога видовме дека во каталогот имаме предвидено толку набиена агенда на настани во долга низа од три недели. Но сега, кога гледаме дека сето ова е остварено 100%, мислам дека нашиот град првпат имаше можност да има еден олку богат и оригинален книжевен фестивал, кој се надевам со заеднички усилби и желби ќе стане традиција на која сите во Македонија ќе се гордееме. Им благодарам на сите што учествуваа на овој фестивал, на поддржувачите – Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Полска, на сите наши пријатели, на сите учесници во програмата, на Јавна соба за отстапениот простор, на медиумите што нè следеа во чекор, на целиот тим што направи еден сон да стане ѕвездена реалност – ѝ се обрати на публиката Жарко Кујунџиски, директорот на фестивалот „BookStar“.
Големото фестивалско финале, на кое беше промовирана антологијата „Што си ти?“, беше прекрасна уметничка вечер исполнета со поезија, оригинални џез-звуци, танцување и позитивна енергија. Со поетско читање на избраните песни и на дел од своето творештво настапија и застапените автори приредувачи: Владимир Мартиновски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Долорес Атанасова-Лори, Дарко Ангеловски, Анастасија Ѓурчинова, Снежана Стојчевска, Мерсиха Исмајлоска, Александар Прокопиев, Тихомир Јанчовски и Ѓоко Здравески.
Збирката „Што си ти?“ претставува избор од најубавата поезија од европски авторки, направен од страна на соработниците и пријателите на издавачката куќа „Антолог“ по повод второто издание на фестивалот „BookStar“. Триесетина македонски и странски поети, раскажувачи, есеисти, романсиери, преведувачи одбраа по две песни од своите омилени поетеси од Европа. Промоторка на книгата беше книжевната проследувачка и писателка Оливера Ќорвезироска.
– Секој избор е и мал залог на срцето на избирачот во избраното. Затоа, оваа антологија е уште поинтересна. Ја „исполниле“ 31 автор, од кои 23 домашни буквално од сите генерации и 8 странски. Сите избирале песни од други авторки, во кои понекогаш нивната поетика се отсликува како во огледало, а нивниот избирачки вкус може речиси да се помириса, да се премери оддалеченоста од творечкиот вкус во милиметри или во километри. Понекогаш избирачите избирале и нешта што не се ни познаваат со нивните писма. Затоа ваквите концептуални антологии, хрестоматии, панорами, прегледи или како и да ги именуваме, можеби не можат да ги заведат авторите, ама се помамни и неодоливи за лесновљубивите читатели – рече во оваа пригода Ќорвезироска.
На крајот сцената ја зазеде оригиналниот свинг-џез состав „Летечки пекинезери“, во чиј музички перформанс уживаа сите присутни.
За време на трите фестивалски недели, организацискиот тим на „BookStar“ ѝ приреди на публиката богата уметничка програма за сите генерации и вкусови.
На фестивалот гостуваа и ги претставија своите книги четири значајни европски авторки. Главната програма беше отворена со писателката Маренте де Мор од Холандија и промоцијата на нејзиниот роман „Холандска девица“, добитник на Европската награда за литература во 2014 година. Потоа гостуваше турско-германската писателка Есмахан Ајкол со бестселерот „Убиство во хотел Босфор“, која е прв добитник на наградата „Букстар“ за најчитана книга. Беа промовирани и две романизирани биографии „Обвинета: Вјера Гран“ и „Свршеничката на Бруно Шулц“ од Агата Тушињска од Полска, а последна гостинка на фестивалот беше романската писателка Дојна Рушти, која го претстави одличниот роман „Елиза на единаесет години“.
Освен формалниот дел, може да го истакнеме и фактот дека Маренте де Мор беше одушевена од македонските цркви, Есмахан Ајкол го посети родниот град на својот дедо, Куманово, каде што на симболичен начин во Библиотеката „Тане Георгиевски“ можеше да ја види својата книга на рафтовите, достапна за читателите, Агата Тушињска играше чочек во една скопска кафеана, а Дојна Рушти дозна повеќе за македонската историја во Археолошкиот музеј на Македонија и во Музејот на македонската борба, од каде што понесе интересни сувенири, а сите уживаа во македонската храна во различни ресторани во Скопје.
Во рамките на фестивалот беше претставена уште една поетска антологија, замислена како панорама на современи македонски поетеси, со наслов „Ова е моето последно молчење“, составена од приредувачките Елена Пренџова и Оливера Доцевска, а беше промовиран и романот „На работ од времето“, прв дел од научнофантастичната трилогија „Наследството на Вероника“ од младата македонска писателка Моника Трајковска. Во ОФФ програма беше вклучена промоцијата на најновата збирка на Ѓоко Здравески – „љубавина“.
Две од гостинките на Фестивалот, Агата Тушињска и Есмахан Ајкол, заедно со неколкумина други македонски писатели и книжевници, учествуваа на трибината „Нивната страна од (и)сторијата“, модерирана од Маријана Јанческа.
Покрај оваа главна програма, се одржаа и два настана во рамките на детската програма – „Креативно пладне“ и „Слушаме приказни со Лабина Митевска“, а беа прикажани и две филмски проекции во соработка со Контракадар од Скопје и од Битола.
Сите фестивалски настани беа збогатени со квалитетна музичка програма, во чии рамки настапуваа: „The hounds“, Марко Настиќ, „ОК бенд“, „Перија“, „Гитара пет“, Ж’ба Аутмајнд, Теа Шалдева и „Летечки пекинезери“ на синоќешното затворање.
Фестивалот „BookStar“ беше поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба.
OhridNews