25 годишно момче во тетовско почина од удар од гром.Настанот се случил во близина на тетовското село Урвиќ додека младиот сточар напасувал стадо овци. Од електрично празнење завчера на плажата „Оревче“ во Охрид на последици се пожалија 13 лица, а помош во болница побарале пет лица кои се здобиле со полесни изгореници на екстремитетите. Ваквите немили настани ја носат потребата за потсетување како треба да се однесуваме при невреме.

Се апелира и до сите граѓани да не движат покрај речни корита и суводолици (за време и по локално невреме), заради можни брзи и ненадејни порои, да престојуваат и да се засолнуваат во простори што се на пониско ниво и може да бидат поплавени и секако, во случај на појава на грмежи и електрични празнења се препорачува поголема внимателност – да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја, велат од Центарот за управување со кризи.

Молњата и грмотевиците односно громовите се појави кои се случуваат насекаде, без разлика дали станува збор за планина, градови, патишта, водени површини и слично. Опасноста од гром може да се избегне со почитување на одредени правила на однесување за време на невреме.

За време на грмежи не е препорачливо да се стои до прозор или до метални површини и штекери. Додека трае невремето не треба да бидат вклучени електричните апарати, да не се користи мобилниот и фиксниот телефон. Ако сте на невреме на отворено најдобро е да сте што подалеку од извор на вода и на што пониско, па поради тоа се препорачува да клекнете и да ги опфатите вашите колена со раце наведнувајки се нанапред со што би имале и најмал допир до земја. – упатуваат од ЈЗУ Општа болница Охрид.

Променливо облачно и нестабилно време, на места со пороен локален дожд и грмежи ќе се задржи и денеска. Стабилизација на времето со постепен пораст на дневната температура може да се очекува во среда. Во среда и четврток ќе дува засилен ветер од северен правец, информираат од УХМР.

Инаку, регионот е под влијание на циклонот кој беснееше во Европа, невреме кое според српскиот метролог Ѓорќе Ѓуриќ не е запаметено во последните 100 години, а сега е присутен и во Србија и на целиот Балкански полуостров. Под влијание на овој циклон, во пелагонискиот регион се појави торнадо за прв пат во државава. Синиоптичарите од УХМР велат дека несатабилноста полека ќе не одмине во следните два дена а центарот на циклонот е сега над Јадранот.

К.А.