Со свеченост што денеска се одржа во х. Инекс, Заводот за превенција, рехабилитација и лекување на кардиоваскуларни заболувања од Охрид, го одбележа јубилејот, 25 години од постоењето.
Во Македонија кардиоваскуларните заболувања се на прво место во структурата на морталитетот, и од тие причини пред 25 години е формиран Заводот за лекување, превенција и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во Охрид, истакна директорот на оваа здравствена установа д-р Никола Бакрачески.
Тој напомена дека болницата се труди да ги следи најновите медицински достигнувања, лекарите и персоналот постојано се едуцираат во странство, а се осовременува и медицинската апаратура со цел пациентите да добијат што подобра нега.
Заводот со работа започна во 1982 година со 25 вработени, а денес има околу 80 лекари и друг придружен персонал. Во текот на овие години Центарот за кардиологија во Охрид постојано се развиваше и денес тој прерасна во центар кој дијагностицира и болнички и амбулантно третира пациенти, но и акутни случаи, а од минатата година воведена е и интервентна кардиологија, истакна Бакрачески.
Македонските лекари со своето знаење воопшто не заостануваат зад своите колеги во развиените земји во светот, и ги применуваат најсовремените третмани во лекување на кардиоваскуларните болести, рече на свеченоста, претседателот на Меѓународната асоцијација за коронарни антиографии и интервенции, Бони Вејнер од САД.
Таа истакна дека во светот во последните 25 години стапката на смртност од инфаркт е намалена од 30 на околу 5%, но сеуште процентот на смртност од кардиоваскуларни заболувања е висок. Најголем проблем според неа е тоа што не сите пациенти добиваат навремена помош. Во Македонија, рече таа, сеуште е висок процентот на пушачи, кои се ризична група, а лужето порано заболуваат од срце за разлика од САД, но третманот кој го добиваат е ист како и во мојата држава, додаде Вејнер.
Г. Момироски