Cuba Libre Beach & Bar

Од 12.06.2024 - 21:00 до 13.06.2024 - 01:00

Познатиот охридски угостителски бренд „Куба либре“ во среда, 12 јуни, ќе одбележи 24 години постоење. На роденденската забава ќе настапат DJ Jay Beats, DJ MM, DJ Danko и DJ Gec, а во ритамот на музиката присутните ќе танцуваат заедно со професионални латино танчерки од Куба.

Забавата под отворено небо на култната плажа „Куба либре“ почнува во 21 часот.

Големата роденденска забава е најава за претстојната сезона со богата програма на плажата „Куба либре“ која почнува веќе в четврток со настап на Dj Guardian. Договорени се настапи и на холандскиот Dj Ramon и бројни други настани кои секојдневно ќе се менуваат, што ветува интересно забавно лето во „Куба либре“.

Приказната на „Куба Либре” започна во 2000 година, во малиот но топол простор во стариот дел на градот Охрид спроти древната катедрална црква Св. Софија. Со уникатниот концепт, одличната понуда и услуга која тогаш постави нови стандарди, ова катче за кратко време стана омилено на генерации охриѓани и бројни намерници надвор од градот кои ден денес чуваат прекрасни спомени од незаборавните забави.

Во 2008 година брендот во своето портфолио го додаде „Cuba Libre Beach & Bar”, следеа ноќниот клуб „Хавана” и ресторанот „Дрим“ (by Cuba Libre), со што се етаблира во еден од водечките угостителски капацитети во градот и регионот, чиј заштитен знак се инвентивноста и висок професионализам.

Плажата „Куба Либре” до ден денес е синоним за место со стил и уживање. Позиционирана во близина на каналот низ кој Билјанини извори се влеваат во Охридското Езеро, плажата со капацитет од над 500 седишта го има најубавиот поглед на Охрид. Тука зајдисонцата се романтични, а времето поминато во добро друштво со омилениот пијалак и храна подготвена со многу љубов од вредните шефови на кујна, будат чувства кои едноставно треба да се доживеат.

Ресторанот „Дрим” во манастирскиот комплекс Свети Наум на изворите на Црн Дрим, е распослан на три тераси со капацитет од 300 седишта. Идеално место за интимни ручеци/вечери, но и за корпоративни настани.

Од 2021 година, кон брендот „Куба Либре” се приклучи и ланџ барот „Харбор“ на самиот плоштад во центарот на градот. Сместен е во некогашната Куќа на Чорбевци, еден од повпечатливите објекти во Охрид изграден во периодот на напливот на неокласицизмот на просторите на Балканот и е вреден сочуван сведок на таа епоха. Куќата изобилува со неокласични и барокни елементи и е заштитена со закон поради што беше внимателно реновирана по преземањето од „Куба либре“. Има три нивоа, приземје со прекрасна тераса и два ката со раскошни тераси-галерии со поглед на езерската шир.

Успешната приказна на „Куба либре“ продолжува.

OhridNews