Во земјава денеска се одбележува Денот на македонската револуционерна борба, кој е прогласен за државен празник во 2007 година кога беше донесен и изгласан новиот Закон за државни празници.
На денешен ден, во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба. Врвна точка на дејноста на ВМОРО е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија и на Преображенското востание во Одринска Тракија. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун од страна на шестимина револуционери интелектуалци: Д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
Основачите започнале да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу, учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и слично. По завршувањето на гимназијата започнуваат да агитираат по своите родни места.Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети. Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.
OhridNews