На денешен ден 1993 година на градскиот стадион „Билјанини Извори“ пред 10 000 гледачи незаборавен натпревар во Втората фудбалска лига одиграа Охрид и Караорман, кој заврши без победник 2-2.

Охридските бели во „езерската “ пресметка имаа водство во два наврати со погодоците на Блаже Шеќероски. Струшките фудбалери до егал па до реми стигнаа со головите на Меритон Гега и Тане Малески.

– Чест и привилегија беше да се биде дел од тој спектакуларен натпревар. Ние на стадионот стигнавме час и половина пред почетокот на мечот, а на трибините веќе имаше околу 7000-8000 гледачи. Целиот натпревар двете екипи го игравме како во транс поради навивачките групи. Охрид живееше за фудбалот и секогаш во добри спомени ќе ми остане тој натпревар. – рече Драган Бочески, кој беше творец на првиот погодок изнудувајќи удар од белата точка.

„Езерското“ дерби одиграно пред 22 години на полни трибини се уште го држи рекордот во Охрид за најпосетувана спортска манифестација.

– Натпреварот со Охрид ни остана во многу добро сеќавање, бидејќи ни ги отвори вратите за пласман во Првата лига. Беше вистинско уживање да се игра пред 10 000 гледачи и сите ние сакаме тоа време да се врати и одново „езерското“ дерби да заживее. – коментираат струшките фудбалери.

Охриѓани со воздишка и насмевка се присетуваа на натпреварот и се надеваат на враќање на фудбалот во Охрид, кој беше заштитен знак во деведесетите години.

ФК Охрид  : Целески, Mијаковски, Маркоски, Гилјан, Георгиевски, Вељаноски, Јоноски, Шеќероски, Георгиев, Бочески, Петкоски

ФК Караорман : Липоски, Љаткоски, Цветаноски, Џигероски, Ајдари, Кускоски, Јоканоски, Крстаноски, Гега, Ниноски, Ајро.

Михаил Постоловски