Научните факти говорат дека Земјата е стара околу 4,6 милијарди години, хуманоидите живеат само 2,5 милиони години, додека хомосапиенсот се развил пред 100.000 години, а според историските податоци цивилизацијата постои само 10.000 години.


Индустријата која денес претставува најголема опасност за Земјата се развива во последните 200 години што претставува 0,00000044 отсто од староста на Земјата.
Серијата на алармантни еколошки инциденти кон крајот на 60-тите години од минатиот век спонтано почна да ги групира луѓето околу идејата да го заштитат животот на планетата.

Еколошката кампања насочена кон заштита на Земјата поттикна на усвојување документите за чиста вода и воздух, заштита на загрозените растителни и животински видови. Потоа уследи формирање на агенции и институции за заштита на животната средина, на владини и невладини еколошки организации ширум светот. Сите тие организации постојано ја нагласуваат потребата за поголема грижа за Земјата, единствениот дом кој го имаме. Многу организации и здруженија се борат за зачувување на природата, морињата, водата за пиење, шумите и другите природни ресурси. Нивното мото е дека човекот мора да го смени своето однесување и да престане да ги уништува сите богатства и убавини на Земјата.

Денот на Планетата Земја за прв пат почна да се одбележува во 1970 година, од кога, според екологистите, се бележи огромен напредок во решавањето на еколошките проблеми. Сепак проблемите со уништувањето на природната средина на глобално ниво  не се надминати ни оддалеку. Потврда за тоа е исчезнувањето на тропските шуми, истребувањето на многу растителни и животински видови, како и континуираното испуштање на штетни гасови во атмосферата

По повод 22 Април  – Денот на планетата Земја, здружението на жени „Бисера“ денеска ќе спроведе еколошка акција за чистење на плажата кај вливот на реката Грашница.

Ohridnews