Повод Денот на Охридското Езеро
Опстои Денот на Охридско Езеро. Од февруари 2000 кога го прогласивме до денес денес. Опстоивме ли ние на заложбите и во грижата? Денес после 2 минати декади јасно е дека веќе е завршено времето на пароли, на епитети, на слогани. Езерото сега се чува само со спротиставување, со легални акти, со планови за акција. Денес е исто така јасно дека Езерото повеќе е објект за битка помеѓу дневно политички минливи ликови, отколку битка за научни докази и стручни планови. Како поинаку да се објасни игнорантскиот однос на општеството кон науката и стручноста во овој домен.
Во изминатава година Езерото имаше два свои моменти. Прво, оној со УНЕСКО во кој се изместија сите вредности и вистини и се се сведе на некакви дивоградби кои во суштина не се унесков поблем туку проблем на нас самите и нашите изместени вредности и нефункционален систем. А вистината е дека загрозувањето на вредностите е заради легалните градби. И тоа парадоксално, најмногу заради оние ненаправените. И тој факт упорно го игнорираме.
Вториот момент е донесувањето на Планот за управување со сливот на Охридско Езеро. Прв во согласност со ЕУ директивите, изработен на билатерално ниво со програма од околу 100 мерки. План и мерки со кој општините и државите можат да обезбедат финансии за да ги решат горливите проблеми. План после кој нема што веќе да се мудрува за тоа што му треба на езерото затоа што се се знае и се е прецизно напишано. Целиот свет го поздрави донесувањето на овој важен документ и мерки. Само кај нас наиде на молк и игнорирање. Ете тоа е таа разлика, тоа се тие вредности кои овде никогаш нема да ги достигнеме и осознаеме.
А Езерото? Езерото и според резултатите од минатогодишниот мониторинг на квалитетот на водите се наоѓа во врвен еколошки статус. Интересно, не му наштетуваат сите овие глупости што му ги правиме. Волшебно ги игнорира. Веројатно исто онака како што ние го игнорираме него. Игнорира и си функционира како посебен организам. Кога не му помагаме, само себеси си помага. Нас сите не снемува а тоа ќе остане за си ги заплискува од нас оштетените брегови и со тоа да ги лечи и истовремено да ни се потсмева. Затоа што реално, заслужуваме и повеќе од потсмев.
Среќен Ден, моќно Езеро.
Дејан Пановски
Координатор на Дримскиот Проект
*Ставовите изнесени во рубриката Отворена се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.