Си дозволив  да ја напишам традиционално колумната која редовно пред донесувањето на буџетот за наредна фискална години и пред усвојувањето на фискалната стратегија и програмите на Локалната самоуправа Охрид ,ја имам како тема/
Овојпат сепак ќе биде малку поинаква (од онаа на  24.12.2011год)  затоа што влегуваме во период на нужни пресврти и промени во Охрид  заради кој самите бројки во Буџетот на Охрид малку ќе значат ,затоа што доста е веројатно дека многу бргу по донесувањето на истиот ќе мора да се влезе во негово рекомпонирање. Потребата за рекомпонирање ќе се случи веќе во Април после новите локални избори,по добивањето на легитимитет на нов состав на органите на локалната самоуправа. Тоа ќе биде секако неопходно за да можат и фискално да се внесат новите визии , програмата  и стратегии на победничката страна по  наредните локални избори.

Но , и без тоа премрежие , составувањето на Буџетот на Охрид години наназад е критичен момент кој во многу свои делови негативно се рефлектирал во развојот (колку е само ова голем непознат збор) на Охрид.  Буџет полн со манипулаторски карактер, со неисполнети социо економски бројки и со недостиг на поддршка кон барем една капитална инвестиција.Дали тоа беше заради вештачки создадената и политички градена затвореност на Охрид или беше резултат на неумеење да си прилагодат јавните потреби со личните желби ,како и обично ќе покаже времето  Но за резултатот од таквиот однос не треба да чекаме, го гледаме наоколу . Град паднат на колена, без никаков развој, а со извесно загрозена иднина . Штета ,голема е тоа штета за Охрид. Бројките во ставките во буџетото се празни  и од аспект на низа на неодговорени прашања и проблеми во Охрид како на пример зошто Буџетот 2012 е промашен во недозволлив процент, зошто ставките се нереализирани, зошто тнр,проекти во буџетот          ( улици , водоводи) се нереализирани и на крај зошто огромни ставки ги нема на приходна страна на Општината а се појавуваат на расходната страна. Нема одговори. Одговор е само тонењето на градот пред нашите очи.

Депласирано е  сега  во предизборието  да се каже дека фискалната стратегија за 2013та и со тоа и Буџетот е скроена за изборна потреба. Но, дури и при таква потреба  освен процент на Буџетот оди во разни  трансфери и огромниот процент кој ги  зафаќа потребите  а надоместоци на администрацијата , и во оваа стратегија развојните страни ги нема , инвестиции или барем нивна поддршка  се мислена именка , туризам и економски развој  без ниту една нова идеја.  Не би замарал со бројки (објавени се) но таканаречената фискална стратегија со буџетски предлози  е само обично копирање.Копирани се речиси сите  програми што ја повторува  неинвентивноста во културата, промашувања и безидејност во туризмот ,нереална поткрепа на комуналните ставки. Но, како што споменав ,рекомпонирањето на Буџетот, програмите, стратегиите, визиите ,идеите ќе следи многу бргу.

Како  да е , Охрид мора радикално да се менува. Да се менува се и од материјалните вредности и од душата и пулсирањето на градот . Доброто  (со назнака МОРА) , мора да ги замени другите недобра. Добриот и примерен збор конечно да го замени речникот на омраза и навреди непотребно инсталиран  во Охрид како единствена  одбрана. Конструктивната критика  кон ставовите да го замени плукањето по индививуте како единствен аргумент. Респектот кон Охрид да се врати и да го замени исмевањето кое му се приреди на еден ваков град . Одговорноста  на чинителите да ја замени самобендисаноста  содадена без никаква основа. Борбата за Охрид на сите и пред сите нивоа  да го замени политичкиот инает кој се користеше како единствено оружје. Вистината конечно да ја замени манипулацијата и лагата  која за жал стана основа на функционирањето . Идеите и новите визии да ја заменат безидејноста и пропаѓањето на градот. Чесниот пристап да ја замени коруптивноста како најлажна “вредност“. Транспарентноста да  го замени криењето на фактите. Јавниот интерес за Охрид  да го замени личниот интерес. Спортски и уметнички херои на Охрид да ја заменат празнотијата.  Почитта на дадениот збор да ги замени подлажувањата. Беспрекорната организација да ја замени тотална дезорганизираност на Градот. Се на се ,Охрид  да се промени ( и во архаична смисла на зборот во нова руба) , да воскресне после години и години тапкање во место И тоа мора симболично да се случи токму некаде во предвечерието на Воскресението во  2013та. Но, тоа воскресени можат да го донесат и само граѓаните на Охрид , никој друг. Во нив е и оценката во вид на гордоста Охридска и мечот во вид на обично пенкало. И добро е што  е така.

На крај сакам да истакнам и дека ми  беше голема чест во 4 изминати години како член на Советот да се борам за правдата, принципите, за поинаквите гледишта ,за интересот на  Охрид,за неговата заштита и неговиот развој , барем онолку колку што беше можно. Тоа е посветеност што ќе ме следи секогаш каде и да води патот.Во таа измината борба голема почит изразувам кон сите советници од советничката група на ВМРО ДПМНЕ кои во сите напори принципиелно и достоинствено опстанаа на ставовите. До нив го упатувам цитатот на Шекспир од Хенри V :„Ние во тоа ќе бидеме запаметени, ние неколкумина, ние среќни неколкумина,затоа што кој денес ја дели тука својата крв ,тој ќе биде мој брат.”.Витешки ги поздравувам и оние чесните политички противници од мнозинството во Советот со кои се конфронтиравме околу ставовите и вистинитe,околу изречените зборови и некажаните мисли.Различни сме но, храброста е доблест ,а имавме и храбри и тешки борби.  Ист чин  упатувам и до најголемиот политички противник  Градоначалникот  со кој се боревме за ставовите , за различните гледишта ,за постапките, за водењето на овој Град. Дефинитивно имавме и имаме различни гледишта кон Охрид но и покрај жестокоста на дебатите сметам дека не ја срушивме бариерата на достоинствена политичка борба заради името на Охрид. На крајот на краиштата поентата не е да се молчи во својата удобност ,поентата е да се бориш, некогаш ќе изгубиш , некогаш ќе победиш , но не смееш да  премолчиш.А ќе има уште многу битки !

Охрид е пред пресвртница во која веќе не се важни бројките .Последна е шансата да се направи позитивен пресврт и да се врати надеж во иднината. И не само надеж.Да се вратат и сите  млади Охриѓани кои се растурија низ светот и да ја добијат своја шанса тука . Да се врати квалитетот, организираноста ,ведрината,напредокот, Или  можеби  со еден едноставен збор – сакаме едноставно да се врати ДУШАТА НА ОХРИД . Тоа мораме да го направиме сите. Заедно ! Во тоа име : Нека е посреќна годината 2013та за сите сограѓани!

Дејан Пановски – член на Советот на Општина Охрид

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за  содржината на истите.