Денес и во наредните два дена на градскиот кеј ќе бидат засадени 200 влакнести палми високи од 3 до 4 метри,  со што продолжува реализацијата на проектот на ЈП „ Македонски шуми“, како што беше кажано, за градење на имиџот на Охрид- „ град на палмите“.  

Првите неколку палми беа засадени пред хотелот Палас, а за останатите се бараат соодветни локации со оглед на тоа дека станува збор за поголеми стебла.

Од  ЈП „ Охридски комуналец“, чии екипи во соработка со вработени од „ Македонски шуми“ го вршат садењето, велат дека најголемиот број од палмите ќе бидат засадени на кејот од езерото со цел да се разубави градот пред официјалниот почеток на туристичката сезона.

Не знам од каде им дојде оваа идеја со палмите во Охрид, не му личат на градот. Со сила ќе го прават Охрид медитерански град, еве и со плажите што ги најавија.

Охрид од секогаш беше препознатлив по розите и липите, некако со палмиве како да сакаме да личи на друг град што е на море. Според мене палми во Охрид не треба да се садат, да има што повеќе зеленило, да не се сечат дрва и да не се уништуваат, но палми некако е чудно, коментираа граѓани кои се затекнаа на кејот додека се садеа палмите.

Реализацијата на проектот за садење на палми започна уште во ноември 2013, кога беше најавено дека секоја година ќе се зголемува нивниот број. Предвидено е да се засадат вкупно 1100 четириметарски влакнести палми во Македонија, од кои дел во Охрид, но и во Струга, Преспа, Дојран и Гевгелија.    

Т.К.