Деновиве во Хелсинки – Финска, се одбележува 20 годишнината од потпишување на Конвенцијата за прекугранични води, на која како македонски претставник учествува Дејан Пановски од Билатералниот Секретаријат за заштита на Охридско Езеро при МЖСПП.

На одбележувањето на годишнината се анализираат сите резултати и достигнувања во управувањето со водените ресурси во Европа со една ретроспектива за напредокот во овој период. Ќе се обратат сите досегашни претседатели на бирото на Конвенцијата кои го следеа равојот на управувањето со прекуграничните водени ресурси.

“Поканата за учество на одбележувањето на годишнината е еден вид признание за сиот труд што сме го вложиле како Министерство и како Билатерален секретаријат,за се што е напишано, спроведено, иницирано во овие години. После првата ера на националните мерки за заштита на Охридското Езеро која траеше во 80-тите години, на граница сме кога завршува втората ера на обезбедувањето на билатералната заштитата и отпочнува третата ера во заштитата преку управување на ниво на меѓународен речен басен согласно Европската рамковната директива за води.Сите ери имаат иста цел, заштита и промоција на нашите природни бесценети водени ресурси.” – изјави Пановски.

На одбележувањето на 20-годишнината се разговара и за идните чекори посебно од аспект на влијанието на климата врз водените ресурси, менаџирањето со можни конфликти за вода и пред се за управувањето на мултилатерално ниво каде ќе се реферира и на Дримскиот басен кој опфаќа 5 држави и 3 езера.

“Не постои повеќе извештај или план во кој не се споменува напредокот во прекуграничната заштита на Охридското и Преспанското Езеро постигнат последниве 10 години.Напредокот е евидентен иако вечно ќе има отворени институционални и инфраструктурни проблеми кои ќе треба да се решаваат. Поддршката и довербата од страна на УНЕЦЕ е се поголема и позначајна и посебно дојде до израз откако го отворивме Дримскиот Дијалог како уште една напредна фаза во управување на прекуграничните води во Југоисточна Европа”
-додаде Пановски.

OhridNews