Поради постоење основи на сомнение за сторени 18 казнени дела „тешка кражба“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 20- годишно лице од Гостивар. Пријавениот, тешките кражби ги извршил во текот на овој месец во повеќе куќи, станови и деловни објекти во Охрид при што се стекнал со противправна имотна корист од 299.000 денари.
– Лицето користејќи подесен алат и физичка сила, насилно влегувал во куќите и деловните објекти. Откако ќе извршел пребарување во внатрешноста одземал пари, златен и сребрен накит, мобилни телефони, апарати, парфеми и други предмети, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Работејќи на реализација на тешките кражби, СВР Охрид оформи предмет со прецизни оперативни информации по што деновиве биле пронајдени повеќе сторители и се поднесени неколку кривични пријави против лица од Република Македонија, Босна и Херцеговина и Србија.
– По добиени наредби од Основниот суд во Охрид беа извршени претреси во домовите на пријавените и беа пронајдени дел од бесправно одземените предмети, додава Димоски.
Од СВР Охрид потенцираат дека со постојана посветена работа, секторот ја зголемил ефикасноста во расветлувањето на казнените дела тешка кражба. Според аналитичките показатели, од пријавените тешки кражби во јули оваа година, реализирани се 24 дела што претставува зголемување во однос на реализираните девет во истиот период лани. Тоа воедно значи зголемување на откривачката функција која во јули годинава изнесува 60 проценти додека во истиот период лани ефикасноста во откривањето на сторителите на тешките кражби била 50 проценти, појаснуваат од СВР Охрид.
OhridNews