Државна делегација, претставнци на бранителите и семејствата, денеска положија венец за загинатите десет армиски резервисти од Прилеп кај месноста Карпалак во воениот конфликт во 2001 година.
За да имате доблест да гледате во иднината, мора да ги цените, да ги одбележувате и да се сеќавате на жртвите направени во минатото. И денеска затоа сме тука во Прилеп, да се сетиме на десетмината прилепски бранители кои не се веќе со нас. Да го почитуваме нивното дело, да ја цениме и денеска нивната храброст за да покажеме достојна почит кон сите семејства кои ги изгубија своите најмили, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска која ја предводеше владината делегација.
Шекеринска истакна дека во секоја криза, речиси секоја година се покажува дека мирот и безбедноста на татковината и граѓаните се најосновното, најважното што ги води илјадниците наши војници.
Преживеаните бранители, пак, изразија огромно разочарување за односот на државата кон паднатите соборци, посочувајќи дека и по две децении не е изградено соодветно спомен обележје кај месноста Карпалак. Тиа изразија незадоволство и од статусот што го имаат бранителите во општеството, посочувајќи дека тие се заборавени од државата.
Како и претходните години и оваа година се помал е бројот на луѓе за чествување на овој настан. Причините не ни се познати, но некој очигледно работи овој настан полека да се заборава. Затоа што и оваа година како и минатата година никој од државните власти тука на местото не истакна ниту еден збор зошто се дојде овде и што тоа денес одбележуваме. Мислам дека Министсртвото за одбрана ќе смогне сили и подостоинствено ќе го чествува ова, а на бранителите да го даде местото за кое се заслужни. – изјави Марин Најдов од Одборот на бранители.
Почит на загинатите бранители владини претставници, бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор оддадоа и пред комплексот „Карпалак“ во центарот на Прилеп, каде се одржа централното одбележување на две децении од загинувањето на прилепските бранители, на кое присуствуваше и претседателот на државата Стево Пендаровски.
На 8 август 2001 година на автопатот Скопје-Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак од заседа беше нападнат конвој на Армијата, при што загинаа десет армиски припадници – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и Прилепско.
Г.М.