Пред точно 20 години во март 2005 година како дел од тогашната ТЦГ Групација започна со работа денешната ЛТХ Леарница во еден дел од поранешниот индустриски комплекс на ХТД-Застава. Во објект и опрема во доста лоша состојба својот работен век го продолжија 90 вработени. Производството се одвиваше главно рачно и претежно со доста физичка работа. Првата година од своето работење компанијата оствари продажба од 2,5 милиони евра.

Во 2010 година, компанијата се преименува во ЛТХ Леарница, како дел од словенечката ЛТХ Кастингс Група. Тогаш се утврдија новите стратешки приоритети на компанијата во однос на нејзиниот натамошен развој, таргетирање на 100% автомобилска индустрија и интензивен план за инвестции и технолошки развој.

Денес ЛТХ Леарница, е лидер во полето на развој, леење, обработка и монтажа на високо комплексни компоненти од алуминиум, како и изработка на алати наменети за сопственото производство, еден од стратешките добавувачи во автомобилската индустрија. Изработува алуминиумски делови за автомобили како делови за мотори, антивибрациски делови, делови за управување, куќишта за електроника за електрични автомобили, кои можат да се најдат во најголемите автомобилски имиња во Европа, како Mercedez-Benz, BMW, VW, Volvo, TESLA итн.

Во изминатите години компанијата интензивно инвестираше во проширување на своите производствени капацитети со голем фокус на автоматизацијата и дигитализација на процесите.

Во рамки на процесот на леење имаме 16 автоматизирани леарски келии, а веќе повеќе години се развива и нов сектор на машинска обработка, каде имаме повеќе од 20 машински обработни центри, од кој голем дел се автоматизирани. Команијата располага со повеќе од 50 роботи што ја олеснува и оптимизира работата. Во рамки на компанијата постои и сектор алатница, каде се врши развој и конструкција на алатите за сериско производство.

Во моментов, ЛТХ работи со тим од 530 вработени, на кои им овозможува континуирано професионално унапредување и учење.

Особено сме посветени на развојот на младите кадри, преку активна соработка со средните стручни училишта во градот. Во моментот, околу 40 ученици редовно ја извршуваат својата практична настава кај нас, со назначени ментори од редовите на нашите вработени. Нашата соработка со високообразовните институции, особено техничките факултети од Скопје и Битола, е од стратешко значење. Таа опфаќа можности за практична настава, стипендирање, менторска поддршка при изработка на дипломски трудови, како и можности за вработување уште пред дипломирање. Последната активност беше со Машинскиот факултет во Скопје, каде со донација во опрема за факултетот, ЛТХ Леарница стана првиот златен партнер на МФС.

Компанијата фокусот го става на енергетската ефикасност и намалувањето на употребата на енергенси во работењето, последично намалување на емисиите на СО2, а како примарни енергенси користи ТНГ и електрична енергија.

Доста инвестиции се вложени во овој сегмент, почнувајќи од инвестицијата во пречистителната станица за вода, реупотреба на отпадната топлина од печките и од компресорската станица за комплетно загревање на објектот, како и загревање на водата потребна за производствените процеси. Пред неколку години се направи обнова на кровот и инсталација на фотонапонска електрана чие производство на електрична енергија се користи исклучиво за сопствени потреби.

Како општествено одговорна компанија, континуирано ја поддржува заедницата преку спонзорства и учество во бројни настани и иницијативи од локално значење.

Особено сме посветени на поддршка на спортски и културни манифестации, како и на организирање и вклучување во еколошки акции што придонесуваат за зачувување на животната средина. Минатата година ги организиравме и ЛТХ Спортските игри, на кои учествуваа повеќе од 300 наши вработени од сите локации во рамки на групацијата. Настанот се одвиваше во текот на два дена исполнети со спортски натпревари, забава и дружење, што дополнително ја зацврсти меѓусебната поврзаност и тимскиот дух помеѓу колегите.

Плановите на компанијата во иднина се однесуваат на зголемување на обемот на работа како и додадената вредност по производ.

Ова оди паралелно со инвестиции во вработените и развој на нови технологии, проширување на производствените капацитети и автоматизација на процесите. Целта е одржување на добрите односи со купувачите од автомобилската индустрија и воведување на нови проекти за развој на нашата локација, додаваат од ЛТХ Леарница.

OhridNews