Охридската локална самоуправа планира да потроши околу 2,5 милиони евра за реконструкција на локалните патиша и улици во селските средини. Реализацијата на овие проекти, според развојните програми на општината, планирано е да биде завршена до 2012 година.

Најголем дел од средствата ќе се потрошат за асфалтирање на улици и патишта во атарот на село Лескоец или околу 700 илјади евра. Од нив околу  600 илјади евра ќе бидат наменети за рехабилитација на локалниот пат од селото Лескоец до црква „Св.Богородица“ во село Скребатно, а околу 100 илјади за асфалтирање на улиците во истоименото село.



Во рамки на развојната програма за средување на локалните патишта е опфатена и рехабилитацијата на локалниот пат до селото Велестово, за кој општината ќе издвои околу 320 илјади евра. Значителен износ на средства ќе бидат потрошени  и за реконструкција на локалниот  пат од булеварот „Туристичка“ преку селото Орман, до селото  Лакочереј и локалниот пат во делот од Прентов мост,  до селото Куратица. За реализација на овие два проекти планирани се вкупно 390 илјади евра.

Исто така предвидено е да се реконструираат и локалните патишта до селата Велгошти, Елшани, Свињиште, Рамне и Завој, а ќе бидат  асфалтирани и селските улици во Расино, Подмоље, Љубаништа, Сирула, Орман, Трпејца како и голем број мостови.

Најголемиот дел од средствата за реализација на овие проекти ќе се обезбедат преку Министерство за транспорт и врски односно преку заем од Светска банка, а останатиот дел ќе ги обезбеди Републичкиот фонд за патишта.

Е.Е.