Денеска, ден пред утрешните избори гласаат лицата кои се во домашен карантин поради позитивен тест на КОВИД-19 и оние на кои им е одредена мерка самоизолација и немоќните или болни лица. Тие ќе гласаат во своите домови, а гласањето ќе го спроведе посебен избирачки одбор формиран од ДИК. Денес гласаат и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица.
Во Охрид пријавени за гласање се 199 болни лица и 23 Ковид позитивни. Во Охрид се гласа на 88 избирачки места, од кои 86 од нив остануваат на истите локации како и на последните парламентарни избори. Промени има само кај две избирачки места.
Избирачкото место 1256, кое беше сместено во Пожарна, за овие локални избори сместено е во зградата Братство единство, на улица „7-ми Ноември“. Гласачите запишани на избирачкиот список кои живеат на улица „Лазо Трпоски“ сите од број 1 до крај, треба да гласаат на избирачкото место 1274, што значи ќе гласаат во просториите на Музичкото училиште, информира Марга Димкоска од подрачната единица на Министерство за правда Охрид.
Во избирачкиот список за територијата на општина Охрид, запишани се 52 477 лица кои треба да го остварат своето право на глас на претстојните избори.
Бројот на болни и немоќни лица кои гласаат денес на територијата на општина Дебрца е 35 додека нема пријавени лица за гласање кои се Ковид позитивни. Во Дебрца нема промени на избирачките места, а запишани во избирачкиот список се 4350 избирачи за гласање во 28 избирачки места, велат од ОИК Дебрца.
Н.С.Ј.