Со овации и аплауз во гимназијата Ванчо Прќе во Виница беше пречекан Јован Костадинов, херојот кој во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани со својот подвиг спаси 21 млад живот. Во објавеното видео на социјалните мрежи, Јован вели дека е добар и дека се опоравил.

Денеска, со длабока емоција и бескрајна гордост, ви ја споделувам веста дека Јован Костадинов, храбриот млад човек кој спаси 21 живот во трагедијата со пожарот во Кочани, конечно се врати дома, информира министерот за здравство Арбен Тарвари.

Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите? Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените. Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други. Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација. Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце. Добредојде дома, Јован. Твојата приказна ќе живее вечно, во животите што ги спаси, во семејствата што повторно се заедно и во срцата на секој граѓанин што сега го знае твоето име. Во име на сите граѓани, јас ќе кажам едно нешто, јасно и гласно: Никогаш нема да заборавиме, напиша министерот Таравари.

За неговиот подвиг сведочеше и мајката Јадранка Бреслиева која тврди дека Јован го спасил животот и на нејзиното детето.

Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот. Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи, напиша во објавата на Фејсбук.

Н.С.Ј.

видео. Angels FM 106.4