Деветнаесет годишниот Јован Костадинов од Виница со својот херојски чин таа кобна ноќ во Кочани во која загинаа 59 лица спасил 21 млад живот. Благодарност за херојскиот чин испраќа мајка чие дете е едно од спасените.

Со голема благодарност и емотивна почит, би сакал да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 дете во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син. Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж. Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, се до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот.

Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својат живот за да спаси туѓи животи.

Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да го искажат моето благодарност и почит. Благодарност од дното на срцето.

Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца, стои во објавата на Фејсбук.

Благодарност за неговиот херојски чин споделуваат и други наши сограѓани.

Херојството не се мери со години, туку со храброст и човечност! Јован од Виница 19-годишно момче, симбол на несебична пожртвуваност кога во пожарот во Кочани, без двоумењe, влезе во огнот за да спаси околу 20 деца! Со црево во рацете и срце полно со храброст, тој не размислуваше за себе, туку за оние на кој им беше потребен ! Побрзо оздравување Јован, пишуваат граѓани на социјалните мрежи.

Инаку, Јован е еден од повредените во пожарот кој се случи во неделата рано наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Н.С.Ј.