– Денеска симнуваме уште една од маските на Никола Груевски, таа за неговиот наводен патриотизам. Снимените разговори откриваат дека во 2011 година,Груевски со Али Ахмети, заради зацврстување на владината коалиција со ДУИ, испазарил носење на закон за амнестија на хашките случаи од 2001 година, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев кој ја презентираше таканаречената 18 политичка бомба на прислушувани телефонски разговори.

Заев рече дека без „око да му трепне“, Груевски најнеблагодарната улога во врска со амнестијата на воени злосторници од редот на Албанците, му ја довери на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со цел во парламентот да се поднесе, а потоа и изгласа ваквото законско решение.

Во еден од разговорите, кои беа презентирани, Груевски разговара со шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева, на која и дава инструкции како да се истурка законот, при што, во мислењето кое ќе биде потребно за овој закон, Владата да се изјасни, како што вели Груевски, „ни таму ни ваму“, односно „округло па на ќоше“, можеби со некој цитат од некој закон. Груевски на Бонева, според презентираниот разговор, и вели дека работата е договорена со Ахмети и дека тој бил задоволен, па велел дека „тоа е втората одбрана, за Албанците, по онаа од Крушевската Република пред 108 години“.

Во договарањето на стратегијата за носењето на законот, како и за потребното автентично толкување, Груевски ги инволвирал Гордана Јанкулоска, Трајко Вељаноски, Зоран Ставрески, Силвана Бонева, Силвана Бришковска – Бошковски, Кирил Божиновски и други и од сите нив очекувал како пратеници да обезбедат кворум и да дадат поддршка, бидејќи тоа е период кога новата Влада не е конституирана и кога дел од наведените функционери на ВМРО-ДПМНЕ се се уште со статус на пратеници. Но, отпор во врска со давањето зелено светло за ваквиот закон, рече Заев, дава дури и екс министерот за правда Михајло Маневски, кој одбивал да потпише согласност за законот.

Според дел од објавените снимки Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески разговараат како да ја ескивираат седницата на парламентот. Не е важна националноста, политичкат аориентација, но како што се подигнува свеста кај сите, да ставиме крај на злото кое се вика „Фамилија“, рече на крајот Заев.

На новинарско прашање Заев рече дека за време на велигденските празници СДСМ нема да објавува нови докази за „незаконското и криминално“ работење на оваа власт. Заев рече дека пратеничката група на СДСМ гласала против автентничното толкување на законот за амнестија.

Лидерот на СДСМ последните активности на Владата ги оцени како последна барање „сламка“ за спас на „сопствената кожа“.

-Сега, Куманово да побара да стане главен град на Македонија, Груевски веднаш ќе прифати, само за да не се конфронтира со други, освен со нас. Но, тоа го покажува крајот на оваа влада, рече Заев.

OhridNews

извор Телма