Со проверени имиња и без никакви екперименти македонскиот селектор Сречко Катанец ја ковa стратегијата за претстојниот пријателски натпревар со Србија. Без разлика што мечот е од пријателски карактер Катенац од играчите ќе бара сериозен пристап.
– Максимално сериозно му приоѓаме на овој тест. Поради паузата во повеќето од првенствата, февруари како месец, ако се прашуваме ние тренерите, не е термин за одигрување вакви натпревари. Затоа нема ништо да експериментираме и да менуваме, туку само ќе провериме во каква форма се наоѓаат играчите. Новини во играта и шанса за други потенцијални репрезентативци планирам од наредниот мартовски тест, па до септемврискиот почеток – вели Катанец.
За Словенецот натпреварот со Србија е само мал дел од “етапата” која не очекува во 2008 година. Контролата со Србија е прва во рамките на подготовките за стартот на “црвено-жолтите” во 9. група во квалификациите за СП 2010, каде на стартот на 6 септември ја пречекуваме Шкотска, а по четири дена ни доаѓа и Холандија. Во групата се уште и Норвешка и Исланд.
– Мораме сериозно да се подготвиме за септемврискиот старт. Годинава ќе биде решавачка во квалификациите за СП. Никого нема да потцениме, секој натпревар е важен. Би било добро секоја средба да ја одиграме на најдобар начин и ако имаме шанса да победиме. Мислам дека и лани функциониравме добро и затоа останав. Сепак, најмногу зависи од тоа дали играчите ќе имаат проблеми во клубовите за шест месеци и дали ќе играат. Резултатите и јас зависиме од нив и мене ми е најлесно за септември да знам дека ќе играат за да бидеме во најдобра форма и да победиме онаму каде може да се победи, истакнува Катанец.
Наредниот месец пријателска со Б и Х
Македонија и БиХ по петти пат меѓусебно ќе се тестираат на 26 март годинава, потврдија од ФФМ. Новата пресметка ќе биде вторпат во Зеница (20 ч.), каде што „црвено-жолтите” пред 8 години беа поразени со 1:0. На гостувањето во Сараево, контролата заврши без победник (4-4), како и на премиерниот дуел во Скопје (1-1). Македонија забележа победа (1-0) на последната контрола во 2004, во Скопје. Покрај дуелот со БиХ, македонската репрезентација има договорен тест-меч и со Полска, за 26 мај, на неутрален терен, во Германија.