Кабинетот на претседателот на Собранието попладнево соопшти дека е пристигнато известување со кое 17 пратеници ги повлекуваат потписите од иницијативата за доверба на Владата.
До Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија е доставено Известување за повлекување од потписници на материјалот Прашање за Доверба на Владата на Република Северна Македонија со вкупно 17 потписи на пратеници, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Со ова, ревидираниот список, со кој опозицијата бара изгласување на недоверба на Владата, има потписи од 17 пратеника помалку. Ова е направено заради тоа што пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи побара повлекување на потписите на пратениците од Левица како услов неговиот потпис да остане на списокот, по што Апасиев се повлече од Иницијативата. По ваквата одлука од првиот човек на Левица, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши информираше дека нивните четворица пратеници утре ќе гласаат за недоверба на Владата.
Господинот Апасиев го повлече својот потпис од иницијативата за недоверба на Владата, затоа можам да кажам дека Алтернатива заедно со четворицата пратеници сите ќе гласаме утре за недоверба на Владата, рече Гаши.
Тој нагласи дека Алтернатива нема да биде дел од никоја Влада која нема јасно да го има во својата програма евроатланскиот курс и добрососедските политики
Затоа ќе оставиме тоа потоа да видиме како ќе се случува. Битно е утре ние како Алтернатива сите четири пратеници да гласаме за недоверба на Владата затоа што го слушавме гласот на нашите активисти. Бевме бомбардирани овие денови и многу сме горди што денес сме донеле ваква одлука, рече Гаши.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред два дена поднесе иницијатива за гласање доверба на Владата на Зоран Заев, на која стоеја потписи на 61 пратеник од кои покрај ВМРО-ДПМНЕ се и пратеници на Алијанса, Алтернатива, Беса и на Левица. Иницијативата уследи откако премиерот, заклучно со понеделникот не поднесе оставка најавена по локалните избори.
OhridNews