Дополнителни средства за наука во висина од 17,3 милиони денари обезбеди Министерството за образование и наука преку својот буџет за 2021 година, како поддршка за развој на лабораториската инфраструктура во рамки на научните и високообразовните установи, а со цел зголемување на обемот на научно истражувачка дејност преку реализирање на проекти од посебен и јавен интерес. За оваа намена денес е објавен јавен повик кој може да се погледне на следниот линк, а на кој можат да се пријават институциите што работат и придонесуваат во областа на науката.

Со согласност од Владата, МОН одлучи да даде дополнителна поддршка за развој и унапредување на инфраструктурата и условите во лабораториите во рамки на државните високообразовни и научни институции, при што ресурсите кои ќе се обезбедат не само што ќе бидат достапни за истражувачкиот персонал вработен во истите, туку пристап до нив, за истражувачки и едукативни цели треба да им се обезбеди и на надворешни корисници, односно научници и истражувачи со идеи за проекти од особена важност за државата и јавниот интерес, се вели во соопштението од МОН.

Jавниот повик преку кој ќе се распределат предвидените средства, овозможува аплицирање за три типа на поддршка и тоа: за формално признавање на компетентноста на лабораториите, на пример преку акредитација на методите кои ги применуваат во работењето, понатаму поддршка за одржување на техничката компетентност и воведување на нови аналитички методи во рамки на лабораториите и поддршка за набавка на опрема што подразбира модернизација на лабораториските ресурси.

OhridNews