1.656.675.214 денари изнесува буџетот на Општина Охрид за 2024 година. Советниците денес на одржаната триесет и шеста седница на Совет дадоа зелено светло за буџетот кој е зголемен споредбено со претходната година кога изнесувал околу 1,3 милијарди денари. Основниот буџет за 2024 година изнесува 978.170.000 денари.

Во рамки на програмите предвидени се средства за уредување на градежно земјиште, образование, спорт и рекреација, културни манифестации и творештво, млади и невладини организации, комунални дејности и инфраструктурни проекти…

Имајќи го предвид искуството од последните две години се помалку имам надеж дека буџетот кој сега се предлага и на крајот на 2024 година ќе го задржи истиот лик, рече советничката од СДСМ, Живка Ангелоска.

Ова го говорам со оглед на ребалансите кои ги имавме оваа година на буџетот и тоа што остана е далеку поинаку од првичниот буџет. Приматот го имаа изминатите години средствата кои беа запленувани по основ на извршни решенија. Тоа што сепак треба да се пофали се носечките проекти во овој буџет, а тоа се проектите за новата училишна зграда во ОУ „Кочо Рацин“ и изградбата на спортска сала во ОУ „Вачно Николески“ со средства кои се поддршка од централната власт за општината. Не е за занемарување и проектот за изградба на улицата „Гоце Делчев“ со делумно средства од Владата. Ова покажува дека само со заеднички сили и соработка може да се дојде до поголем квалитет на услугите. Тоа што ќе сакав да го видам во овие програми е и изградба на нова училишна зграда во ОУ „Григор Прличев“, но веројатно во овој мандат овој проект нема да биде реализиран. Ја нема ни ветуваната патека Охрид-Св. Стефан, ги нема ни оние 8,5 милиони денари за ново возило за ТППЕ Охрид кои Општината рече дека ќе ги обезбеди, што значи Општината ќе бара други начини за набавување на специјалното возило за пожарната, додаде Ангелоска.

Упати прашања до Градоначалникот дали учениците од Гимназијата може да очекуваат дека во второто полугодите ќе може да влезат и излезат во уреден училишен двор, но и за тоа до каде се активностите за уредување на тротоарот на улицата „Димитар Влахов“.

Сакам да верувам дека буџетот ќе го задржи ликот и на крајот на 2024 година, дека ќе бидат реализирани проектите, дека ќе има што повеќе средства од страна на централната власт зошто што повеќе средства значи што побрзо раздолжување на Општината, како и повеќе простор за поголеми проекти. Се надевам дека оваа година ќе видиме реализација на ветени големи проекти и дека средствата кои се многу поголеми со измените на Законот ќе бидат искористени, а нема да бидат пренаменувани, рече Ангелоска.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, истакна дека на секој еден советник и на локалната самоуправа и е битно буџетот да биде реализран како што е планиран.

Оваа година сама по себе беше предизвикувачка и веројатно за првпат во историјата локалната самоуправа и секторите се сретнаа со еден ваков феномен, а тоа е  дополнителниот прилив на средства коишто колку е добро, зошто од денешен аспект гласаме нешто што значи историјата за Охрид, а тоа е во првите два месеци од следната година раздолжување на Охрид, има и негативна страна дека бевме во тотална блокада последните два месеци, а повеќе од тешко беше да се функционира од јуни наваму, затоа и беа потребни толку ребаланси.

Потенцираше дека реализацијата на проектите како патеката Охрид-Свети Стефан, реконструкцијата на плоштадот Чинар и катната гаража чекаат одобренија за градби. Противпожарното возило рече ќе биде набавено преку средства од Бирото за регионален развој односно средствата што беа наменети за Општина Охрид ќе бидат наменети за набавка за возилото. За Гимназијата рече дека најбитно е да се завршат сите градежни работи што е можно побрзо, некогаш зависат од временски ситуации и изведувачи, но ќе се интензивираат.

Уредувањето на тротоарот на „Димиртар Влахов“ е нешто кое во соработка со Фондот за комунален развој се работи и ќе биде завршен. Извршени се повеќе од 60 милиони денари од една програма која има најголема ставка во буџетот и сето тоа влијаеше на динамиката, начинот и планот на работите. Како Градоначалникот секој повик што го имаме преку министерствата,  Владата, преку сите институции каде може да извлечеме ќе извлечеме средстава, бидејќи тоа е фазата на децентрализација. Со раздолжувањето на Општината генерално ќе можеме да влеземе во една финална фаза на децентрализацијата, но тоа не зависи од нас како локална. Посебно сум горд со ЈП-ја, субвенциите се јавија како потреба поради зголемување на цената на ел. енергија и покачувањата на минималната плата. Силно сме фокусирани на функционални ЈП-ја. Првпат во историјата се случува да имаме приход скоро 3,5 милиони евра кои ќе се искорисат и за раздолжување и за капитални проекти, додаде Пецаков.

Од страна на советниците од опозицијата поднесени беа три амандмани кон буџетот од кои прифатен беше само за физичко и патролно обезбедување на училиштата именувам како мониторинг и патролно обезбедување. Другите два амандмани не беа прифатени бидејќи се предвидени преку други проекти и програми или тековно ќе се решаваат предвидените активности.

На седницата покрај програмите за ЈП-ја за 2024 година, беа изгласани измените и дополнувањата на статутите на основните училишта, мерките за субвенционирање на трошоците за комунални услуги, Стратегијата за развој на зеленилото, урбанистички одлуки, како и продолжување на работното време на угостителските објекти.

Н.С.Ј.