Здружението ЕТАИ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ја организираат 16-тата меѓународна конференција ЕТАИ 2024. Конференцијата ќе ја отвори професор Миле Станковски, како Претседател на овогодишната Конференција на која тој го прославува својот 70-ти роденденски јубилеј и долгогодишен раст заедно со ЕТАИ.
По неколкугодишните предизвици и последната конференција ЕТАИ 2021 одржана виртуелно, ЕТАИ 2024 повторно се враќа покрај водите на Охридското Езеро, на излезот на реката Дрим во убавата Струга. Во рамки на програмата е планирана специјална работна сесија посветена на проф. Миле Станковски, каде покрај новите истражувања, ќе се евоцираат и спомени од животниот пат на професор Станковски поврзани со Здружението и Конференциите ЕТАИ, информираат организаторите.
Покрај научната програма и презентација на прифатените рецензирани научни трудови, во рамки на конференцијата ќе се одржат неколку поканети пленарни предавања од особено еминентни и светски познати научници и професори: проф. д-р Markos Papageorgiou (Маркос Папагеоргиу) од Technical University of Crete, Грција; проф. д-р Oscar Mayora (Оскар Мајора) од Fondacione Bruno Kessler, Италија; проф. Fisnik Dalipi (Фисник Далипи), Department of Informatics, Linnaeus University, Шведска и проф. д-р Томислав Станковски, Медицински факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Department of Physics, Lancaster University, Lancaster, Обединето Кралство.
Во програмата на конференцијата е планирана особено актуелна тркалезна маса „Emerging Trends and Challenges in CyberSecurity“, тема што не смее да се заборави и покрај напливот на примена на вештачката интелигенција во современите технолошки трендови. Панелистите се еминентни стручњаци од полето на кибер-безбедноста: проф. Митко Богданоски, Воена академија Генерал Михаило Апостолски – Скопје, Универзитет Гоце Делчев –Штип; Горан Митрески, Кабтел, Скопје; Кирил Бухов, Халк Банка, Скопје; Мане Пиперевски, Пиперевски и партнери, Скопје; Александар Ацев, Консултант за кибер-безбедност; Симон Бојаџиевски, А1 Македонија, Скопје, посочуваат организаторите.
Научните трудови публикувани на конференцијата, додаваат, се тематски поделени во десетина сесии од областа на електрониката, автоматиката, телекомуникациите, информатиката и други мултидисциплинарни сесии од областа на електротехниката.
Конференцијата ќе се одржи во хотел Дрим од 21-ви до 23-ти септември.
OhridNews