Првиот информативен портал во Македонија ги доживеа „слатките шеснаесетти“. Нашата приказна започна во времето на dial-up, ISDN и ADSL, кога во земјава имаше нешто над 300 000 интернет корисници. Еве не живи, здрави и успешни и во времето на 5G, кога интернетот е достапен речиси на секоја педа од земјината топка и главен извор на информирање.

Симболично на 7 декември 2006 година,  денот на големиот празник на градот, кога на централниот плоштад во Охрид беше откриен споменикот на заштитникот и патрон Св. Климент Охридски, на ohridnews.com беа објавени првите вести онлајн. Шеснаесет години подоцна OhridNews и натаму е на патеката на професионалното и одговорно новинарство, препознатлив бренд во информативниот простор, реномиран деловен партнер со голем број задоволни клиенти и стотици илјади прегледи на содржините кои ги продуцира, што говори за исклучително високото ниво на доверба која порталот ја ужива во јавноста.

Низ годините се менувавме и развивавме, воведувавме новини во работењето. Од минатата година започна со работа нашето ново студио каде се продуцираат вести, емисии, креативни прилози и содржини кои се споделуваат и на платформите на медиумот на социјалните мрежи. Интервју, Напладне, Спорт+, Обични херои, 1 минута Вести, вклучувања во живо од терен, се дел од новитетите кои ја збогатија продукцијата на OhridNews. Го редизајниравме порталот и постојано технички го надградуваме.

Се разбира не застануваме тука. Во полн ек се подготовките за шестото издание на најдоброто музичко-забавно шоу „Зимска бајка“ кое по две години пауза поради ковид кризата, ќе се одржи на 24 декември во Центарот за култура. Шоуто ќе понуди исклучително квалитетна музичка програма проследена со визуелни ефекти, до сега невидени на овие простори, и креативен хумор за кој ќе бидат задолжени извонредните актери Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски – Two mother’s brothers, кои подготвуваат нов авторски материјал што ексклузивно ќе биде изведен на „Зимска бајка“. На крајот од месецов ќе биде промовирано и 9-то печатено издание на Годишната ревија на настани и ќе бидат доделени наградите на редакцијата на личности и организации кои со своето професионално делување оставија трага во заедницата во годината што изминува.

Со несмален елан продолжуваме и во 2023 година во која најавуваме квалитативен исчекор во начинот на информирање и создавање креативни содржини за публиката од сите генерации, како и новина која ќе го сврсти Охрид на светската мапа, од еден друг агол.

Сето ова нема да беше возможно без верната читателска публика, деловните партнери и поддржувачи.

Ви благодариме на довербата со која не следите и поддржувате полни 16 години. Приказната продолжува!

Ваш OhridNews