Денес се навршуваат 16 години од терористичките напади во САД, кога на 11 септември 2001 година загинаа вкупно 2.998 луѓе, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати, како и 19 терористи. Нападите во 2001 година ги извршија припадници на терористичката група Ал Каеда.
Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки. Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имиња на настраданите во нападите од 1993 и 2001 година, додека навечер два снопа сина светлина насочени кон небото потсетуваат на урнатите кули.