Црвениот крст Охрид по повод 16 октомври, денот на гладта, под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС”  од денеска до 22 октомври ќе спроведе кампања за помош на гладните.

Активностите ќе бидат насочени кон прибирање на финансиски средства преку продажба на вредносни бонови и шољи за чај како и прибирање на прехрамбени производи. Сите собрани средства ќе бидат наменети за помош на сиромашните и гладни наши сограѓани.

Гладта е најекстремна форма на сиромаштија каде поединецот или семејството не се во состојба да ги задоволат основните потреби за храна. Иако храната е основното човеково право, сепак стотини милиони луѓе ширум светот секојдневно гладуваат, а секои 3,6 секунди некој умира од глад.

Гладни и сиромашни има и во нашата земја и во нашиот град.

Според податоците од Бирото за вработување во Охрид има 12 000 невработени лица, а според податоците од Центарот за социјална работа 1547 семејства се социјално загрозени и се на работ на егзистенција.
 
Сето ова е причина повеќе, барем повремено да помислиме и да направиме нешто за оние на кои им треба подадена рака за будење на надеж дека не се сами, дека некој мисли на нив. Барем за миг да ја вратиме насмевката на нивните тажни лица. Затоа, ако ВаШето срце е отворено за сожалување и болката на луЃето околу вас е и ваша болка, Ве молиме ПОМОГНЕТЕ
да го направиме подобар животот на гладните и сиромашните и вклучете се во акцијата на Црвениот крст, стои во апелот на оваа организација по повод почетокот на кампањата за помош на гладните во Охрид која започнува денеска.

ohridnewss