На 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Гоце Делчев, еден од најистакнатите револуционери и синови на македонскиот народ. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил цела Македонија. Тој е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
Во зачуваните писма Делчев пишува дека се бори за слободна и независна Македонија, со широки права на сиромашното население: „Успехот на борбата ќе дојде со планомерна работа со која ќе им се наложиме на просветените Турци, Грци, Власи, Арнаути. Ќе ги убедиме дека ние искрено се бориме за прогресивно-културна држава, основана врз радикални и социјални принципи во животот и тогаш, тие добороволно ќе ни подадат братски рака, здружно ќе ја продолжиме сестраната борба. Јас така и го разбирам светот: како поле за културно натпреварување на народите“.
Делчев се противел на кревањето на Илинденското востание сметајќи дека е преурането, но неколку месеци по неговата смрт во Крушево започна востание кое беше задушено во крв по десет дена.
Непријателите на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат. На 4 мај 1903 година, Гоце Делчев загинал во борба со османлиската војска во селото Баница, Серско, во егејскиот дел на Македонија.
152-годишнината од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев, во земјава ќе се одбележи со бројни свечености.
OhridNews