Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“ со задоволство го најавува оддржувањето на Вториот летен спортско – едукативен камп кој ќе се одржи од 10. 07 ( понеделник ) до 16. 07 ( недела ) во Хотел Десарет. Оваа година на летниот камп ќе учествуваат 150 деца од Охрид, Скопје и Крагујевац од Србија. Како и минатата година Летниот камп ќе биде исполнет со многу спортски, забавни и едукативно – образовни активности со дополнителен акцент на презентацијата на нашето природно, културно и историско богатство, збогатено со многу работилници и креативни активности кои веруваме ќе се од големо задоволство на сите дечиња.

– Интернационалниот карактер што го започнавме од минатата година оваа година го надополнуваме со интернационализирањето на наставниот кадар така што оваа година како дел од организацијата на кампот ќе имаме и три волонтери (идни наставници од прво до петто одделение) од нашиот партнер Универзитетот Роехемптон од Лондон. Со овој исчекор се доближуваме кон нашата крајна цел , Охрид и Летниот спортски камп да станат синоним на квалитетот, дружењето и едукацијата на младите од Македонија и регионот. – изјави првиот човек на Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите – сите за Спорт“, Иван Цветкоски.

Од Асоцијацијата информираат дека големите компании, со традиција од повеќе децениско успешно работење во насока на поквалитетен живот на граѓаните, Битолска млекара и Алкалоид, се овогодинешните партнери на кампот, партнери на децата, дружењето, едукацијата и спортувањето, партнери на градот Охрид.

Сите заинтересирани граѓани активностите на Вториот летен спортско – едукативен камп Охрид 2017 можат да ги следат на официјална фејсбук страна (Спортски летен камп Охрид 2017 ), каде секојдневно ќе се прикачуваат фотографии од реализираните проекти.

OhridNews