На 15-ти март се одбележува Светскиот ден на потрошувачите, кој оваа година Светската потрошувачка организација го одбележува со препораки кон Глобална Конвенција за заштита и промовирање на здравата исхрана.

-Нездравата исхрана е поврзана со четири од десетте најголеми причини за смрт во светот: прекумерна тежина и дебелина, висок крвен притисок, висок процент на гликоза во крвта и висок холестерол. Дебелината се проценува дека ги чини САД два трилиони долари годишно. Сега е вистинското време светот да се освести за „цената“ на нездравата исхрана. Тоа е причината зошто светската организација на потрошувачите одлучи овогодишното одбележување на денот на правата на потрошувачите да го посвети на здравата исхрана и помош на потрошувачите при избор на здрави диети и начини на исхрана. –  се вели во универзалната порака по повод Светскиот ден на потрошувачите.

Светската организација на потрошувачи ќе иницира кампањи и активности, да се привлече внимание на тешкотиите со кои се соочуваат потрошувачите при изборот на здрава исхрана. Целта на кампањите че биде намалување на високото ниво на масти, сол и шеќер во секојдневната исхрана, намалување на рекламирањето на брзата храна за деца, обезбедување на јасно означување на прехранбените производи за да им се помогне на потрошувачите да избираат здрава храна и подобрување на стандардот на храна која се служи во јавните институции како училишта и болници.

Во овој контекст, Организацијата на потрошувачите на Македонија во изминатиот период, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство, промовираше 6 нови брошури за означување на храната.

На 15 март, 1962 година, американскиот претседател Џон Ф. Кенеди одржа говор за правата на потрошувачите што доведе до создавање на Декларација за правата на потрошувачите. Активистот за правата на потрошувачите Анвар Фазал подоцна предложи да се одбележува 15-ти Март како “Светски ден на правата на потрошувачите”, а од 1983 година организациите на потрошувачите почнаа со одбележување на тој ден како повод за промоција на основните права на потрошувачите. 

OhridNews