Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид денес со свеченост која беше одржана во просториите на Универзитетот одбележа 15-годишнина од своето основање, истовремено одбележувајќи го и Патрониот ден.
Пред присутните гости од земјава и странство, амбасадори, академици беше даден краток осврт на главните моменти кои го одбележаа постоењето на Универзитетот во изминативе 15 години, спомнати важни настани, но и луѓе и професори кои го започнаа овој процес и се уште се дел од истиот.
Славиме 15 години од основањето на Универзитетот, а секоја годишнина е миг каде се навраќаме во минатото да ги согледаме нашите минати успеси, да ги прославиме, но и да гледаме во иднината да си дадеме нови ветувања, да си поставиме нови цели, рече ректорот на УИНТ „Св. Апостол Павле“, Иван Бимбиловски.
Бројките покажуваат дека ова е успешен проект, не само во академско-образовна смисла, туку и во економска и социјална смисла. Низ нашите клупи дипломираа многу студенти, 1500 домашни и 240 странски студенти досега. Минале 70-тина професори од земјава и странство што студирале на врвни универзитети кои биле дел од нашиот академски тим, голем број на успешно реализирани проекти, остварено околу 1 милион евра проектни активности од проекти од ЕУ, како и од светски истражувачки програми и мрежи. Посебно сме горди на тој успех. Овозможивме голема вработливост на нашите студенти, потенцираше.
Нашите студенти, истакна Бимбиловски, во онаа мера во која сме во можност да ги следиме наоѓаат работа веднаш по дипломирањето или по дипломирањето го продолжуваат школувањето на врвни институции.
Имаме примери за наши студенти вработени во светски познати фирми од ИТ секторот, како Тесла, Гугл, и истите се дел од тие тимови. Студенти после дипломирање на прв циклус добиле стипендии на етаблирани институции и универзитети во Европа, како Берлин, Швајцарија, Данска што покажува дека ние ги подготвуваме студентите на еден квалитетен начин што е признат не само во земјава, туку и во странство, потенцираше.
Воедно, Бимбиловски ја најави и новината на Универзитетот, а тоа е добивањето на акредитација за докторски студии по компјутерски науки и инженерство.
Би издвоил уште една новост, а тоа е добивање акредитација за трет циклус студии, односно докторски студии по компјутерски науки и инженерство што е навистина големо постигнување, бидејќи е процес кој е доста ригорозен и се испитува од повеќе институции во земјата. Ние успеваме преку тој процес да докажаме дека заслужуваме да организираме такви студии на највисоко ниво.
На денешниот настан присуствуваа и амбасадорот на НР Кина во Македонија, со цел соработката која Универзитетот ја остварува и обезбедените стипендии за студентите.
Со НР Кина и со Универзитети од таму имаме долгогодишна плодна соработка. Ова е само уште еден чекор во таа плодна соработка. Имено преку состаноци, координација со Амбасадата на НР Кина во Македонија обезбедивме стипендии за нашите студенти кои ќе студираат кај нас. Нашите студенти ќе продолжат да студираат на нашиот Универзитет во Охрид, а трошоците за нивно студирање ќе бидат покриени од Амбасадата на НР Кина. Го поздравуваме тој гест и го цениме, тие секогаш не поддржуваат во развојот на Институцијата и ова е можеби една поддршка за семејствата на нашите студенти. Ќе се растовари нивниот буџет за школување. Засега обезбедивме 18 стипендии кои ќе ги даваме по успех. Пет во прва, пет во втора и пет во трета година во прв циклус додипломски студии, и три за четврта година за додипломски студии, истакна Бимбиловски.
Додаде дека засега ова е краткорочен проект и опфаќа покривање на школарината само за следниот семестар, но има тенденција и расположение таа соработка во оваа насока да продолжи и понатаму.
Н.С.Ј.