Демократски сојуз со свечена седница на која присуствуваа бројни гости и претставници на поголемите политички партии во државата, ја одбележа 15 годишнината од постоењето.
-Пред 15 години, почнавме 11-мина, со јасна определба и визија за Македонија, затоа што верувавме и веруваме во Македонија. Досега во партијата се вклучени над 30 илјади граѓани, претежно млади, креативни и способни кадри. Денес, Демократскиот сојуз е силен и препознатлив политички субјект, со свој идентитет и интегритет. – рече во обраќањето пред присутните, лидерот на ДС Павле Трајанов.
Само слободни граѓани, можат да создаваат, да творат и да ја градат иднината на својата држава, истакна Трајанов, посочувајќи дека Македонија повторно е во исклучително турбулентен период и се соочува со длабока политичка криза, која бара брз одговор. Тој изрази уверување дека сите граѓани ги препознаваат државните интереси и интересите на граѓаните ќе ги стават на преден план, над партиските и личните.
-Аферата “Пуч“ и аферата “Прислушкување“ со масовно кршење на правата на граѓаните, мора да се реши со политички дијалог, но и со системски промени и длабоки кадровски резови. Никој нема да биде иземен, заштитен или амнестиран. “Актерите“ на овој мега скандал, мора да платат висока цена, затоа што се нападнати основните цивилизациски вредности. Преку овие афери се покажа грдото лице и алчноста за власт и пари на голем број на политичари. – додаде Трајанов.
Лидерот на ДС уште реше дека Во Македонија се спроведени бројни реформи, но земјата и понатаму се соочува со огромни предизвици.
-Од Македонија се иселуваат млади кадри, во Македонија e присутна сиромаштијата, намален е наталитетот, постои висок степен на организиран и институционализиран криминал кој и натаму разорно дејствува, партизиран е судскиот систем, катастрофална е состојбата со медиумите, имаме и многу други отворени и нерешени прашања. – истакна Трајанов.
Тој изрази загриженост за застојот во евроинтегративните процеси, скако и за негативни коментари во моќните политички центри и забележките за владеење на правото, за слободата на медиумите, за неефикасниот судски систем, за корупцијата, за немање капацитети за политички дијалог.
-Законите често се менуваат и самите по себе се контрадикторни, има несигурност во бизнисот,слободата на пазарот и пазарната економија.
Домашните компании немаат исти услови како компаниите со странски капитал. – рече Трајанов.
Tој истакна дека Демократскиот сојуз ќе се залага за подигнување на вредноста на трудот на работникот и сите компании, посебно странските, за вработените да обезбедат иста плата, како и во нивните матични држави.
-Македонија во 21 век не смее и не може да биде промовирана како зона на неоколонијализмот. Мининалната плата треба двојно да се зголеми. – смета Трајанов.
Спред него Македонија нема друга алтернатива освен прифаќање на европските стандарди.
–Ќе бараме да се создадат услови за слобода на медиумите, ќе предложиме реформи за судскиот систем да биде отпорен на политички влијанија, а јавниот обвинител да не биде партиски војник. – истакна во говорот Трајанов.
OhridNews