Македонија и Балканот денеска се сеќаваат на Тоше Проески кој на денешен ден пред 14 години трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран  („The Hardest Thing“).

Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик. Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004-та ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.

Објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт го одржа на Градскиот стадион  на 5-ти октомври 2007 година.

Проески ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведувал и голем број странски хитови.

Тоше беше амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно беше прогласен за почесен граѓанин на Македонија.

OhridNews