1200 учесници во три атлетски трки ќе бидат дел од третото издание на „Трка на поезијата“ во Струга. На само 10 дена до самиот старт презадоволни сме за искажаната доверба и заинтересираност да ги пробиеме границите за кои напорно работиме 365 дена во годината, велат од Атлетскиот клуб „Спортски Мостови“.
Оваа година како и во изминатата огромна чест и задоволство ни претставува и доаѓањето на нашите истакнати атлетски имиња во Македонија како што се Дарио Ивановски, Адријана Поп Арсова, Александар и Биљана Кираџиеви, Атанас Анчевски, Димитар Петровски, Весна Кираџиева, Игор Јакимовски, Жан Тосев како и доста други активни и рекреативни од вкупно 11 држави кои постигнуваат одлични резултати во кралицата на спортот, потенцира Марјан Туртуров, претседател АК „Спортски Мостови“.
Дополнителна чест и задоволство, велат од клубот, е и вклучувањето на локалните компании кон развивање на овој спорт со поддршка на нивните вработени во градење на здрави навики.
На настанот со повеќе од 120 учесници ќе биде компанијата „Магна“, ИТ компанијата RLDatix која како и минатата година и оваа учествува со над 60 учесници, додека „Костал“ ќе учествуваат со над 50 учесници. Благодарност до сите компании кои земаат учество активно на сите наши изданија континуирано веќе трета година со ред. За сето ова да е беспрекорно организирано и да доликува на еден врвен настан најголема поддршка од самиот старт ни е и Општина Струга со градоначалникот Рамиз Мерко кој што безрезервно ја прифати и поддржа нашата идеа и визија да го развиваме Струга во атлетски град и да пренесуваме пораки за здрав живот, вели Туртуров.
Оваа година, додава Туртуров, еден ден пред главниот настан на 20 мај во сабота со почеток во 18:00 часот дечињата ќе ја обојат Струга со трчање и ќе бидат презентери на еден од најубавите настани кои ги памети и создава нашата убава Струга.
Овогодишното издание на детската трка добива и уникатно име „Боград детска трка“, поддржано од нашиот верен генерален покровител хотел „Боград“ кој заедно со нас и здружението „Ретко е да си редок“ од Охрид максимално се вклучија во оваа кампања за поддршка на децата со ретки болести. Децата ќе се натпреваруваат во пет различни категории почнувајќи од 4 до 13 години: прва категорија од 4 и 5 годишна возраст (100м), втора категорија од 6 и 7 годишна возраст (200м), трета категорија од 8 и 9 годишна возраст (300м), четврта категорија од 10 и 11 годишна возраст (500м) и петта категорија од 12 и 13 годишна возраст (500м).
Оваа година одлучиле маицата да „отскокнува“ од официјалните маици па во преден план е ставена поезијата како што е и името на манифестација.
Во координација со победниците на минатите изданија на поетскиот конкурс, Биљана и Ана, но и во координација и одобрение од потомците на Димитар и Константин Миладинови на нашата официјална маица оваа година ќе ги најдете стиховите на браќата Миладиновци како едни од главните претставници на македонската преродба во средината на XIX век. Познатата „ТАГА за Југ“ од браќата Миладиновци ќе оди на двете официјални маици од настанот, а додека „До целта“ од Ана Стојаноска ќе оди на машките учесници и „Трчам со силата на зборот“ од Биљана Тодоровска ќе оди на женските учесници на настанот, вели Туртуров.
Третото издание на „Трка на поезијата“ ќе се одржи на 21 мај кога се планирани градската атлетска трка на 10км од натпреварувачки карактер и рекреативна трка на 5км.
OhridNews