Со повеќе културни манифестации Охрид во наредните денови ќе ја одбележи 115-годишнината од смртта на Григор Прличев.

Традиционалните “Прличевите беседи“ 2008-ма ќе започнат утре со изложба на ликовни дела од Колекцијата при НУ Центар за култура „Григор Прличев“. Изложбата ќе се одржи во Центарот за култура во 18:30ч. Половина час подоцна во големата сала на Центарот за култура ќе започне централната свеченост посветена на 115-годишнината од смртта на Григор Прличев.  Предавање ќе одржи  д-р Стефан Влахов Мицов кој ќе говори на тема  „Прличев во контекст на историјата и филозофијата на Балканските народи“, а беседа за Прличев ќе одржи Славе Ѓорѓо Димовски. На свеченоста на писателот  Ефтим Клетников ќе му биде врачена  наградата за најдобра поема за 2007-ма година „Гога на пат за Алба“.

Свеченостите продолжуваат на 6-ти февруари , а ќе завршат со традиционалната Охридска визита што ќе се одржи во Градската библиотека.