Ниту големите датуми од македонската историја не се доволни да се сплотат македонските политичари. По примерот на „сениорите“ и подмладоците на партиите деновиве започнаа вербална војна. Причина е грижата, односно негрижата на едните и другите за историските придобивки.

Откако младите на СДСМ – Охрид вчерашната акција за уредување на спомен обележјата од НОБ ја искористија за критики кон актуелната власт, реагираа нивните колеги од Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ. Оттаму им забележуваат на младите социјалдемократи на изнесените ставови дека актуелната власт води политика на разнебитување и поделби и сметаат дека тоа се особини кои го красат политичкиот ривал.

– Пример за разнебитување и уништување е затворањето и уништувањето на фабриките, како низ цела Македонија така и во Охрид и создавање на илјадници стечајци и невработени, како и подигнување на стапката на невработеност од 16% на 38%, а поделбите ги гледаме во славната реченица на Б.Ц. “ИЛИ СИ СДСМ ИЛИ  НЕ СИ!!!!” , се вели во реакцијата на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ.

Оттаму ги отфрлаат  обвинувањата дека власта ги игнорира придобивките од НОБ, потсетувајќи дека на плоштадот во главниот град оваа власт поставени споменик на првиот  Претседател на Македонија ,Методија Андонов- Ченто, кој од СДСМ бил прогласен за предавник на Македонија. Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, смета дека нивните колеги од СДСМ, како и лидерот на партијата, Бранко Црвенковски се обидуваат да се наметнат пред јавноста со лажен патриотизам,  и дека се залагаат за промена на уставното има на Република Македонија.

OhridNews