На 5-ти септември, се навршуваат единаесет години од потонувањето на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро, при што животот го загубија 15 туристи од соседна Бугарија.
Несреќата се случи околу 10:30 часот. Тоа саботно утро времето беше топло и тивко, езерото мирно и ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид за Свети Наум, како последица на механички дефект, претовареност и паника, се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица, Република Бугарија.
Единаесетгодишнината од трагедијата на бродот „Илинден“, утре, ќе биде пригодно одбележана кај спомен обележјето на жртвите од бродската несреќа, каде сега е поставена скулптурата „Солзата на Роза“, што по повод десетгодишнината од трагедијата ја изработи дипломираниот архитект од Охрид Никола Сметеновски.
Г.М.