Денес, 9 април, се обележуваат јубилејни 105 години од првиот официјален фудбалски натпревар во Скопје, во Македонија, кој се одигра тогаш во рамките на отоманската империја. Официјален датум откога започнува да се испишува македонската фудбалска историја.

Во далечната 1909 година, точно на 9 април, на Велигден, група турски војници и офицери на школување во западноевропските земји одиграле натпревар меѓу себе на импровизираното игралиште на полјанката зад Учителската школа во населбата Ислахане (Идадија) во Скопје.

„Првите фудбалери биле турски војници што престојувале во касарната во скопско Дебар Маало, а денот бил толку студен што на полувремето играчите морале да ги облечат шинелите за да се стоплат“, пишува Ивко Панговски во својата книга „Скопски фудбалски незаборави“.

Две години подоцна, во 1911-та, формиран е првиот фудбалски клуб во Македонија, под име Ускип (Скопје), претходница на СК Вардар во 1912 година, на Пелистер од Битола во 1914 и на Војновиќ во 1915 година.

Во април 1919 година во старата зграда на кафеаната „Кермес“ во Градскиот парк е одржано основачкото собрание на СК Напредак, кој набргу потпаѓа под патронат на англиската хуманитарна организација „Христијанска заедница на младите луѓе“. Овој клуб на 20 април 1919 година го одигра првиот официјален меѓународен натпревар во Македонија, забележувајќи ја првата победа над репрезентацијата на англиската војска, со 2-0.

Во годините на Втората светска војна, за време на германско-бугарската окупација, била забранета работата на многу фудбалски клубови. Десетина беа примени за членови на Бугарската фудбалска федерација, која ги распореди да се натпреваруваат во Првата и во Втората бугарска дивизија.

Во есента 1945 година првпат во историјата на македонскиот фудбал се формира македонската фудбалска репрезентација, која учествуваше во првото повоено првенство на тогашна Југославија.
Македонија првиот натпревар го одигра во Белград и загуби од селекцијата на Војводина со 1-3. Голот-првенец за македонскиот тим го постигна Јане Јаневски во 18. минута.

По Втората светска војна, од 1945 до 1948 година, македонскиот фудбал организациски функционира во рамките на Фискултурниот одбор на Македонија (ФОМ). На 16 август 1948 година тој одбор прераснува во Фудбалски сојуз на Македонија, прв претседател е писателот Коле Чашуле, а прв генерален секретар Драган Геров-Гагуш.

Почетоците или темелите на денешниот ФФМ се поставени на 21 април 1991 година во Струмица. Тогаш беше донесена одлука Фудбалскиот сојуз на Македонија, на чие чело беше Алексо Кипроски, да се раздружи од Фудбалскиот сојуз на Југославија.

Денес ФФМ е модерна фудбалска федерација која која не изостанува во поглед на европскитеи и светски стандарди. Минатата 2013 година седиштето се пресели во т.н. Куќа на фудбалот во Ново Лисиче, модерен комплекс во кој се сместени неколку фудбалски терени, со природна и со вештачка трева. ФФМ продолжува и со националната стратегија за младинскиот фудбал, и развој на младите категории , преку поттикнување што поголем број на деца да го засакаат фудбалот и во иднина професионално со него да се занимаваат. Токму за остварување на оваа цел, во декември 2013 година, за прв пат во историјата на македонскиот фудбал, се означи почетокот на сеопфатниот проект за здравствена регистрација и анализа на млади фудбалери, кој опфаќа комплетни здравствени прегледи на повеќе од 400 фудбалери, психолошки анализи, оцена за можностите на секој млад поединец, неговите добри и слаби страни.

 

„ФФМ“

Ohridnews