Денеска се навршуваат 103 години од херојската смрт на големиот македонски револуционер, охриѓанецот Христо Узунов.

Христо Узунов(22 февруари 1878 – 24 април 1905 година)  го претставува охридското револуционерно движење во времето на самосозревање на македонскиот народ. Татко му бил учител и активно вклучен во револуционерното движење. Неговата мајка била по потекло од Струга од семејството на преродбенскиот деец Ѓорѓи Чакалов.

Според некои документации, се смета дека Христо Узунов во револуционерната организација се вклучува во 1896 година заедно со Методиј Патче. Благодарение токму на него, за илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички реони. Тој регистрирал се, го бележил името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник којшто организацијата го осудувала на смрт. Денеска се познати имињата на сите 478 лица од охридскиот-струшки крај кои загинале во востанието. За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов говори и неговата средба со селаните од село Куратица веднаш по трагичниот крај на востанието: „Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за се знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене.“
Христо Узунов бил многу револтиран од заминувањето на другите членови во Бугарија иако тој никогаш не престојувал во Софија туку останувал во татковината каде настојувал борбите да продолжат.

Во 1905 година Христо Узунов влегол со чета во Битола а потоа и во Крушево со цел да изврши контрола. На 24 април влегол во село Цер-кичевско заедно со крушевскиот војвода  Ванчо Србаков каде бил обиколен од од силни турски сили. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Христо Узунов тогаш пишува писмо упатено до сите чесни револуционери по што тој и неговите соборци се самоубиваат.

По повод денот на херојската погибија на Христо Узунов, делегација на град Охрид ќе положи цвеќе на спомен бистите на Христо Узунов и Методи Патче во градскиот парк и ќе се поклони на гробот на Узунов во селото Цер Кичевко.

ohridnews
(во текстот се користени податови од енциклопедијата Википедија)