20:00 Од Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ потврдија дека сто новинари од С Македонија, на молба на Здружението на новинари на Србија (УНС) ќе бидат вакцинирани против коронавирус, јави дописникот на МИА од Белград.

И претседателот на УНС Владимир Радимировиќ, за МИА изјави дека „УНС на барање на Македонската асоцијација на новинари (МАН) побарала и било одобрено преку кабинетот на српскиот претседател, во Врање во вторник да се вакцинираат 100 медиумски работници, како и истите да бидат ревакцинирани“.

Од МАН денеска информираа дека е пополнета квотата од 100 лица за доброволна вакцинација против вирусот Ковид-19 со вакцината АстраЗенека која е закажана за вторник 23 март 2021 година, во Врање.

Сто (100) медиумски работници доброволно се пријавија на повикот на МАН да се заштитат со вакцинација против вирусот Ковид-19 и сите пријавени добија повратни email потврди дека се регистрирани за вакцинација. Деталите за организираниот автобуски превоз (време и место на поаѓање и враќање од Скопје до Врање и назад) официјално ќе ги доставиме утре претпладне, велат од МАН.

OhridNews