Идниот концесионер на охридскиот аеродром кој ќе биде познат во мај ќе биде обврзан обврзан во рок од дванаесет месеци да го реконструира и прошири паркингот за нови сто и дваесет возила, да изврши реновирање, адаптирање и санирање на постојниот карго центар и да се изгради нов карго со капацитет од илјада метри квадратни, изјави министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, на трибината на ВМРО ДПМНЕ што синоќа се одржа во Охрид.
Ќе се изгради нов ВИП објект и ќе се инсталира нов систем за навигација, што ќе овозможи слетување на поголем број на авиони , што е еден од поголемите проблеми на аеродромот во Охрид – најави Јанакиески. Концесионерот најдоцна до август ќе треба да почене со изградба на пречистителна станица, а предвидена е и набавка на дваесеттина нови ВИП и патролни возила. Во реконструкцијата и подобрување на капацитетите на охридскиот аеродром предвидено е да се инвестираат десет милиони евра.
Јанакиевски информираше дека и натаму слетување на авионите на охридскиот аеродром ќе чини нула денари, со цел да се привлечат што повеќе туристи на охридското крајбрежје. За да се постигне тоа неопходно е да се изгради и бренд хотел на охридската ривиера и да се реконструираат и продлабочат пристаништата во Охрид и Свети Наум, што беше пречка за воведување на бродска линија Охрид-Поградец, рече Јанакиевски.Тој посочи дека оваа година ќе бидат одвоени средства за реконструкција на ул. „Железничка“ која треба во многу да го растовари сообраќајот во Охрид особено во туристичката сезона.
Нина Кепеска