Десет години охриѓани утрата ги почнуваат со забавно контактната емисија „Охриде не бери гајле“ на извонредниот водител Жанко З’ш Голабоски, што се емитува на „Супер радио“. Првата десетка емисијата на Жанко З’ш и диџеј Тони Џомба, ја полни на 16-ти мај, датум кој „случајно“ се поклопува со роденденот на Голабоски. По тој повод поразговаравме со идејниот креатор на „Охриде не бери гајле“. Во интервјуто за „OhridNews“ Жанко открива детали за настанувањето на шоуто и како една необична фудбалска екипа била инспирација за името. Тој изнесува пикантерии од неговата водителска кариера, која подеднакво успешно се одвива и на радио и на Тв. Без влакно на јазикот Жанко зборува за актуелната економска состојба и негативните трендови во Охрид, за еколошката и политичка некултура и темните облаци кои се надвиснале над земјата.

OhridNews: „Охриде не бери гајле“ полни десет години. Како од оваа дистанца гледаш на почетоците и воопшто на овој успешен проект?

Жанко З’ш: 10 години да опстојуваш во етерот не е мала работа, за тоа треба да имаш квалитет и екипа, бидејќи јас не сум сам. Тука е Тони Џомба и се разбира „Супер радио“. Проектот почна сосема случајно. Направивме муабет со Митан десет минути „почвиме не почвиме“, почнавме и еве тие десет минути испаднаа десет години. Уште десет ќе се тера, па понатаму ќе видиме после, да сме живи и здрави, чекам прво 35 години да прославам матура па ќе видиме како натаму.

OhridNews: Твојата емисија е исклучително популарна. Која е тајната на успехот? 

Жанко З’ш: Да опстоиш десет години треба нон стоп да се менува нешто, нови идеи. Тоа е исто како еден локал, доколку не промениш инвентар станува досадно. „Не бери гајле“ стана мој препознатлив бренд и затоа и телевизиските емисии си ги викам така. Јас сум вљубен во радиото, имам свој препознатлив стил кој е различен од шаблоните, но не градам кариера на политика. Јас сум пацифист и се залагам за мир и се трудам да ширам позитивна енергија, а пред микрофонот да сум секогаш спонтан.

OhridNews: Ги знаеш муабетите дека водителската работа е „лесна“, земи микрофонот в рака и одма си водител…

Жанко З’ш: Оваа работа не е ни малку лесна. Луѓето те гледаат насмеан и си велат, а бе него не му е гајле се смее нон стоп, а мене можеби дома детето ми има температура, не сум зел хонорар, немам да го поминам месецот, не сум наплатил реклама, што кај нас е најнормално денес, ама сите проблеми завршуваат пред да влезам во етер.

OhridNews: Од каде идејата емисијата да ја крстиш „Охриде не бери гајле“?

Жанко З’ш: Како настана емисијата е многу интерсна приказна. Кај нас кога ќе се става име на нешто најчесто се оди да е што е можно по странско, демек по јако ќе е така. Сакав име кое ќе е блиско на публиката. Дали ти текнува на турнирот за мал фудбал на стариот полигон кој денес се распаѓа? Имаше една екипа од Мешеишта се викаше „Не берете гајле“. Јас не знам од кого се не изгубија луѓето. Со кого играа изгубија, ама толку публиката ги сакаше, толку беа позитивни и правеа весела, позитивна атмосфера со нивното зезање, за разлика од екипи кои носеа имиња како „Сантос“, демек кој знае што ќе направиме, и организаторите од толку што ги сакаше публиката вонредно ги вметнуваа во програма да играат чисто заради забава. Не берете гајле, не берете гајле… си реков убо би било „Не бери гајле“ и испадна „Не бери гајле“.


Жанко З’ш Голабоски

OhridNews: Луѓето денеска речиси и да не се смеат, особено во ваков амбиент каков што преовладува кај нас. На луѓето и не им е многу и до забава, што пак ја отежнува работата на водителите?

Жанко З’ш: Сосема си во право. Некој ќе рече а бе полно да е џепчето и раат си. Има вистина тука, но јас знам многу луѓе кои се полни со пари, но се поосамени од некој кој е посиромав. Времето е тешко и во Македонија и во околината, но и во светот, но може да се најде една трошка, мал детаљ кој ќе ве насмее. Како викаат: „добрата досетка и на погреб држит место“. Кога сум пред микрофон гледам пред себе маса луѓе на кои им се обраќам. Се обидувам да се спуштам на нивото на слушателите, со младите сум млад, со старите стар.

ОhridNews: Кој е концептот на Жанко за „Охриде не бери гајле“, како во иднина ќе се развива овој проект?

Жанко З’ш: Постојано ја освежуваме емисијата и правиме креативни промени. Внимаваме на музиката, првиот час од шоуто кое сега се емитува од 8-12 часот секој работен ден, го посветуваме на македонската музика. Секоја песна ни е одбрана, за што е задолжен Тони Џомба кој е искусен диџеј со стаж повеќе од две децении и си ја извршува својата работа навистина професионално, се води сметка да има за секого по нешто, некому ќе му се допадне музиката, некому муабетот, а целта е да се задржи вниманието на слушателите во текот на целата емисија. Во иднина планирам емисијата да ја преселиме малку надвор, да се спуштиме меѓу народот, а денешната техника тоа го овозможува и на тоа ќе работиме повеќе во наредниот период.

OhridNews: За еден проект да биде успешен маркетингот е битен фактор. Охрид за жал економски стагнира изминатите две и пол децении и исклучително е тешко да се функционира во медиумската сфера во која конкуренцијата и лојална и нелојална е исто така голема. Колку е тешко да се опстојува, а притоа да се планира и развој во ваква економска ситуација?

Жанко З’ш: Како и во секоја работа кај нас. Некогаш има повеќе некогаш помалку, но јас сум задоволен. Имаме стандардни спонзори, некој се со нас седум и повеќе години, а тоа значи доверба, што е многу важно за оваа работа. Во секој медиум главен е директорот на маркетинг, ако носи пари емисијата во ред, ако не нема да оди. Секако дека се чувствува и пад во работата и во медиумскиот дел со оглед дека Охрид од град со 50-60.000 жители падна на 25.000, од 50 фабрики денес работат две три, но задоволен сум што емисијата, како и радиото, се доста актуелни и се надевам дека така и ќе остане.

OhridNews: Покрај тоа што си успешен радио и телевизиски водител, ти си и екологист, страствен вљубеник во природата, велосипедист, основач на клубот „З’ш Точак“… Често си во природа и забележуваш каков е нашиот однос кон неа. Еколошките прашања во Охрид последните години и тоа како се актуелни. Како да го спасиме Охрид да остане препознатлив по својата природа која упорно сакаме да ја „модернизираме“, те немало блато, те хотели и аеродроми на вода да се прават, медитерански плажи…?

Жанко З’ш: Во една прилика ме прашаа што му фали на Охрид? Одговорив дека како сме тргнале изгледа дека ни фали море, а имаме две езера, две прекрасни планини во круг од 30-40 километри, Охридско и Преспански Езеро, Галичица и Јабланица. Можеме да развиваме разноразни спортови на вода, риболов. Нека се направат уште една две наколни населби со сместувачки капацитети за гости кои сакаат риболов, дај му една трска и јадица и раскажи му дека вака се фаќале риби пред многу векови и наплати му скапо. На Галичица може да се развива планинарење, алпинизам, велосипедизам, параглајдинг, научен туризам….. Инаку што се однесува до екологијата, тука сме на многу ниско ниво. Јас сум постојано на „точак“ и кога ќе одам кон Св. Наум или од другата страна на езерото покрај патот гледам купишта ѓубре, да ти се згади. На секој метар има кутија од цигари, лименка, памперс….. да не фрлаат „скопјанчиштава“ случајно? А по реките е вистинска катастрофа и навистина мора нешто да промениме во нашиот однос кон природата.

OhridNews: Кај Жанко има се уште голема енергија и сигурен сум дека уште долго се гледаш во оваа професија?

Жанко З’ш: Ќе терам додека можам позитивно, додека имам сила, а ќе имам. Се знаеме долго време, скромен сум, немам некој амбиции за не знам каква кариера, се чувствувам најслободен, најнормален како секој граѓанин, никогаш не се случило да правам афери и скандали во моите емисии.

OhridNews: Колку ти влијае твојата работа на приватниот живот?

Жанко З’ш: Време има за се. Работата е динамична, но динамично му е и на рударот кој во 6 наутро влегува во рудник и не знае дали ќе излезе, динамично му е и на новинарот и на келнерот…, но време има за се кога си организиран. Кога ќе ме види некој пеш или со велосипед ми вели е блазе си ти имаш време, а тој бил адвокат, па немал. Како може во 24 часа еден час да не може да се издвои за себе, за рекреација, се е до организацијата. Не е работата да се трча животот, туку да се живее, не е се во парите.

OhridNews: Македонија овие денови минува низ сериозна криза, која колку и да не сакаме влијае на сите нас. Очигледно имаме состојба во земјата која е далеку од нормална. Како ти гледаш на се ова што ни се случува и која е твојата порака за подобар живот во Македонија?

Жанко З’ш: Милион и пол луѓе, два нека сме и двесте од картите два и двесте и сто од мене, два милиони и триста илјади, тоа се две згради во Њујорк. Има планини Македонија овчари сите да сме можеме убаво да живееме, имаме полиња за работа, туристички потенцијали… Политиката е нечиста работа и затоа секогаш се дистанцирам од политиката. Сведоци сме дека луѓето без разлика на националност, вероисповест на овие простори отсекогаш живееле заедно. Нема никаде чиста средина, а и глупаво би било сите да сме исти, различностите се богатство. Што е важно кој од која вера или нација бил. Политичарите имаат една тактика „скарај па владеј“, но на народот му е пукнат филмот веќе, полека, до кога, ние треба да живееме тука. Јас имам комшија и атеиста и нововерец и муслиман, кој што сака нека биде, ние сме тука да си помагаме едни со други. Крајно време е граѓаните да им испратат порака на нашите политичари, а можеби полека, полека, веќе и им праќаат. Политичарите генерално се исти, сите се борат за власт, а кога ќе се дограбат до неа за брзо време забораваат на народот, се се сведува на партиски вработувања и тоа се во администрација, а фабриките не ни работат. После бегале луѓето од Охрид. Странците се чудат зошто младите бегаат од Охрид, затоа што според нив овој град има потенцијал да има туризам 365 дена, а ние се радуваме на сезона од две недели. Треба да ја искористиме оваа убавина на вистински начин, не сакаат туристите на лежалка да лежат туку камења да ги боцкаат, сакаат да се искапат на дивите плажи помеѓу Трпејца и Градиште, да уживаат во природата и не може со сила да се правиме нешто што не сме и тука е генералниот проблем кај нас.

Горан Момироски