10 години ОДВ Електрик
Од поле до модерна фабрика со 1000 вработени, ОДВ ЕЛЕКТРИК една деценија бележи развој и ја движи македонската економија
Пред десет години просторот покрај Охридскиот аеродром предвиден за индустриска развојна зона беше гола ливада на која немаше ништо. Една деценија подоцна тука успешно функционира модерна фабрика на ОДВ ЕЛЕКТРИК со 1000 вработени која произведува делови за автомобилската индустрија што се пласираат во Европа и светот.
Почетоците беа многу скромни, во изнајмен погон во Охрид и со само 10 вработени. Денес, 10 години подоцна, ОДВ ЕЛЕКТРИК располага со најсовремена фабрика во Технолошко индустриската развојна зона Струга, каде вработува над 1.000 луѓе. Благодарение на оваа инвестиција, невработеноста во Охридско-Струшкиот регион сериозно се намали, општото ниво на платите во регионот се зголеми и граѓаните добија многу по квалитетен животен стандард.
Од инвестиција до најважна алка во групацијата за една деценија
Десет години по почетокот со работа, ОДВ ЕЛЕКТРИК во Македонија, е најважната алка во синџирот на компанијата во глобални рамки, вели Генералниот менаџер на ОДВ ЕЛЕКТРИК, Огнен Цубалевски.
ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија во целост ги исполни очекувањата на групацијата. Пред се, успеавме во Македонија да создадеме силна база на посветени колеги коишто на најдобар можен начин ја совладаа технологијата за производство. Во моментов, ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија, покрај врвниот квалитет според сите апликативни стандарди во автомобилската индустрија, има постигнато и врвна продуктивност на своето производство, и со гордост можеме да споделиме дека во моментов, ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија е најважниот производствен погон на групацијата ОДВ ЕЛЕКТРИК, додава Цубалевски.
Да се достигне бројка од 1000 вработени е исклучителен успех, дотолку повеќе што изминатите години светот го тресат кризи, војни, а ја имавме и корона. Сите овие предизвици ОДВ ЕЛЕКТРИК успешно ги надмина благодарение на сопствената стратегија.
Глобалните случувања изминатата деценија имаа силно влијание врз светската економија, вклучително и врз македонската. Светот е зафатен од повеќе кризи и војни, а го имавме и проблемот со Корона. ОДВ ЕЛЕКТРИК успешно се справи со сите овие предизвици и не само што успеа да ги задржи вработените, туку и го зголеми нивниот број. Поради војната во Украина, дел од производството од Украина се префрли во Македонија.
Во моментов, ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија е најголемиот производствен погон на групацијата ОДВ ЕЛЕКТРИК, истакна Цубалевски.
Постојана грижа за вработените
Развојната стратегија на ОДВ ЕЛЕКТРИК, меѓу другото, се темели и на континуирана грижа за вработените, што се покажа како повеќе од успешен модел во актуелниот момент. ОДВ ЕЛЕКТРИК има изграден систем на кариера, а вработените имаат еднакви можности да напредуваат. За техничките кадри, пак, има посебна програма која им овозможува брз развој.
Во ОДВ ЕЛЕКТРИК во фокусот се вработените и нивниот развој. Покрај константно подобрување на условите за работа, компанијата води постојана грижа за сопствениот кадар, како значаен дел од развојната стратегија во услови на глобална миграција на работната сила која е исклучително изразена кај нас. Уште од самиот почеток втемеливме политика на градење на сопствен раководен кадар и денес ОДВ ЕЛЕКТРИК може со гордост да се пофали дека сите раководни кадри се изникнати од вработените во ОДВ ЕЛЕКТРИК, ниту еден раководител не е вработен од надвор. Во нашата компанија секој почнува да работи на производна лента, без оглед на неговото формално образование и работно искуство. Денешните раководители на почетокот на својата кариера почнаа како работници на производна лента или пак сетери на машини и опрема за производство. За колегите со техничко образование имаме креирано посебна програма за развој на млади инженери, која што им овозможува во рок од 8 месеци забрзано да се ориентираат во системот на ОДВ ЕЛЕКТРИК и да го најдат своето место, потенцира Цубалевски.
ОДВ ЕЛЕКТРИК е едно големо семејство на задоволни вработени
Без оглед дали се работи за оператори или високо образован технички кадар, вработените во ОДВ искажуваат задоволство од условите за работа и можностите за напредок што им ги нуди компанијата.
- Мојот ангажман во ОДВ ЕЛЕКТРИК започна на почетокот од 2020 година. Како електроинженер мојот интерес за машини и технологија беше и се уште е огромен. Во ОДВ имам можност да се запознам и работам со најновите технологии во автомобилската индустрија. Сега, после 4 и пол години знаењето и искуствата што ги стекнав се огромни, особено во делот на автоматика и машинско програмирање. Стигнавме до ниво сами да си ги изработуваме и програмираме машините за во производство, нешто што мислам дека е реткост во Македонија. ОДВ ЕЛЕКТРИК е работна средина што би му ја препорачал на секој, особено на млади инженери, бидејќи со технологијата што ја имаме и со поддршката од менаџментот, може да се стигне далеку.
- Во ОДВ ЕЛЕКТРИК се вработив во 2016 година, поттикната од потребата за финансии и со мала доза на страв, поради тоа што ми беше прво работно искуство. По инспиративното интервју со Директорот, започнав како оператор на производна лента. Секој ден учев нови работи, помогната од одговорните на линија, кои своето знаење го вложуваа во секој еден од нас. За многу брзо време ги совладав работните позиции, па по предлог од претпоставените кои секогаш даваа шанси за секој кој сака да напредува, почнав да се обучувам за тим лидер (line leader). Со отворањето нови линии и проекти имав можност да заминам на обука во ОДВ Украина, искуство кое многу ми помогна во понатамошниот развој. Со секојдневна обука и работа, по две години станав помошник на производна единица, за денес да работам како раководител на истата. Веќе ја трошам и деветтата година во ОДВ, како дел од тим кој нуди можност за напредок и развој, тим кој го става работникот на прво место.
Остварени цели, примена на нови технологии и додадена вредност на македонската економија
ОДВ Електрик Македонија произведува годишно над 20 милиони различни типови кабли за автомобилската индустрија, во најголем дел кабли за сигурносни појаси. Целото производство е наменето за извоз. Бидејќи ОДВ ЕЛЕКТРИК работи по принципот на облагородување, локално додадената вредност во Македонија оваа година треба да надмине 25 милиони евра, заедно со репроматеријалите за производство вкупниот обрт би изнесувал скоро 80 милиони евра.
ОДВ ЕЛЕКТРИК успеа да ги постигне и надмине сите цели поставени од фирмата мајка. Во процесот на воспоставување на производството во Македонија изградивме стручен и компетентен тим на вработени којшто е во состојба да ги реши и најкомплексните технички проблеми. Благодарение на талентот, ангажираноста и стручноста на вработените, ОДВ ЕЛЕКТРИК во Македонија успеа да создаде тим на вработени што самостојно можат да го водат и унапредуваат технолошкиот развој на фабриката. Во овој свој развој колегите од ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија директно работат на прилагодување и оптимизација на технолошката опрема што се произведува во работилниците на ОДВ ЕЛЕКТРИК низ светот, како и од страна на нај реномираните светски производители.
Освен инвестиции во производниот процес, ОДВ ЕЛЕКТРИК постави соларни фото-напонски панели на целиот свој кров во ТИРЗ Струга, со вкупна инсталирана моќност од 840 kWp. Со оваа своја инвестиција, ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија го даде својот придонес за намалување на емисијата на штетни гасови, како и за зголемување на производството на енергија од обновливи извори во Република Македонија, подвлекува генералниот менаџер на компанијата Огнен Цубалевски.
Технолошкиот развој го менува светот, вештачката интелигенција е се поприсутна, а автомобилската индустрија се прилагодува и на климатските промени и предизвици. ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија го следи чекорот со светот.
ОДВ ЕЛЕКТРИК има тим млади инженери кои што работат на усвојувањето на вештачката интелигенција и нејзината примена во редовното производство.
Вештачката интелигенција е веќе незаменлив дел од секој концепт на иден технолошки развој. Во ОДВ ЕЛЕКТРИК во моментов работиме на примена на вештачката интелигенција на производната позиција крајна визуелна контрола, којашто ќе помогне сите евентуални грешки на готовиот производ да се увидат и истиот да биде испорачан кон корисникот без ниту една грешка.
Другите полиња на примена на вештачка интелигенција се пред нас и се, практично, неограничени, почнувајќи од оптимизација и автоматизација на административните процеси, па се до редовното и превентивното одржување на производната опрема. Овде во моментов интензивно работиме на пролиферација (усвојување) на предностите на вештачката интелигенција кај нашите колеги, вели Цубалевски.
Со зголемена продуктивност против негативните трендови
ОДВ во Македонија постојано гледа кон иднината, но во компанијата се свесни за актуелните трендови и предизвиците со кои се соочува нашата економија. Најголем предизвик останува обезбедување на потребната работна сила.
ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија работи интензивно на зголемување на продуктивноста на своите вработени, на нивната техничка и технолошка наобразба како и на усвојување на најнапредни организациони структури, со цел да се постигне поголема продуктивност. Паралелно со оваа наобразба, мора да се инвестира во поголема капитализација на производството, а се со цел да може да се задржи и зголеми нивото на производство.
Благодарение на овие напори, ОДВ ЕЛЕКТРИК Македонија ќе го даде својот придонес во намалувањето на технолошкиот јаз помеѓу Република Македонија и развиените земји од Западна Европа. Во догледно време очекуваме да достигнеме еднакво технолошко ниво како најсовремените фабрики во Германија, работа која што со сигурност ќе се одрази и врз благосостојбата на сите наши вработени, истакнува Цубалевски.
Горан Момироски