Пред десет години МВР за прв пат отвори канцеларии за односи со јавност во секторите за внатрешни работи, кои значително ја подобрија комуникацијата на полицијата со медиумите, а со тоа и со јавноста.  Но, има простор за напредок. Што се е направено на тоа поле OhridNews разговараше со портпаролот и одговорен во канцеларијата за односи со јавност во СВР Охрид Стефан Димовски.

ON: Од кога постои канцеларијата за односи со јавноста и каде се ја има?

С. Димовски: Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во 2008 година, во сите осум Сектори за внатрешни работи оформи Канцеларии за односи со јавноста и наименува портпароли во секторите за внатрешни работи во: Скопје, Охрид, Куманово, Тетово, Битола, Велес, Струмица и Штип.

ON: Колку соопштенија, прес конференции и други информации од јавен интерес организира и испраќа канцеларијата на годишно ниво?

С. Димовски: Канцелариите за односи со јавноста во Секторите за внатрешни работи, целосно профункционираа како реални партнери на локалните, регионалните и националните медиуми во навремено и квалитетно информирање на граѓаните за настани, случувања и активности од секојдневното полициско работење. Во изминатите десет години, Канцелариите за односи со јавноста обезбедија објективна, активна, ефикасна, отворена и фер комуникација со медиумите на локално и регионално ниво. Во рамките на својата улога и задачи, Канцелариите активно вршеа професионално, објективно, навремено, континуирано, успешно, одговорно и отворено информирање на јавноста и презентираа јасна слика за целокупната работа на локалната односно регионалната полициска организација. Своите активности, Канцелариите за односи со јавноста во Секторите за внатрешни работи ги вршеа со исклучително успешна соработка со Секторот за односи со јавноста и стретешки прашања при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија.

Според нашите аналитички податоци, во изминатите десет години, Канцеларијата за односи со јавноста при СВР Охрид, до медиумите на локално, регионално и национално ниво, по разни основи поврзани со полициските активности на СВР Охрид, испратила 2403 соопштенија, одржани се 533 прес конференции, дадени се 1117 изјави, одржани се 1051 брифинг средби и реализирани се 205 гостувања во информативни емисии на Тв и радио програми.

O.N:  Кои други алатки ги користите за поголема транспарентност?

С. Димовски: Канцеларијата за односи со јавноста иницираше и повеќе проекти и кампањи кои беа реализирани со оделението за превенција на целото подрачје на СВР Охрид во соработка со локалните самоуправи, Јавните претпријатија, Црвен крст, НВО, здруженија на уметници и други асоцијации и здруженија на граѓани.На иницијатива на Канцеларијата за односи со јавноста, по одредени случени казнено правни настани беше организирана посета за новинари на место на случен настан како и изјави за медиумите. Канцеларијата јго подготви проектот Велосипедска полициска патрола кој успешно се спроведува скоро десет години.

Се ова е дел од концептот за работа на полицијата во заедницата и јакнење на партнерксиот однос со јавноста.

Секако, односите со јавноста и медиумите треба постојано да се надградуваат со имплементација на искуствата и новите методи за односи со јавноста што се практикуваат во полициите во Европа и светот.

O.N.: Каква беше соработката на полицијата со медиумите пред отворањето на канцелариите?

С. Димовски: Пред оформувањето на Канцелариите за односи со јавноста, информирањето исклучиво го спроведуваше Секторот за односи со јавноста при МВР на РМ, а во координација со секторот за аналитика во секторите за внатрешни работи.

ON: Во кој правец треба да се развива во иднина соработката на полицијата и професионалните медиуми?

С. Димовски: Соработката на полицијата со медиумите мора, на принципиелни основи да се интензивира и понатаму, со цел граѓаните, во секој момент да бидат информирани правилно и навремено за сите случувања од безбедносен карактер на подрачјето. Само така, ќе може да ја знаат вистината за безбедносниот настан, со што ќе се избегнат шпекулации и лажни вести кои, неосновано ќе ја вознемират јавноста. Соработката мора да почива на почитување на законските обврски и надлежности од полицијата и медиумите, на почитување на професионалните кодекси и етика за работа, немешање во ингеренциите на другата страна и целосно меѓусебно разбирање за природата и карактерот на работните обврски што се извршуваат.

OhridNews