Туна со сини перки била продадена на аукција во Токио за рекордни 1,7 милиони долари, што е три пати повеќе од претходната највисока цена за овој вид риба. Како што пренеле медиумите, рибата тешка 222 килограми била уловена во водите североисточно од Јапонија и е неколку килограми полесна од минатогодишниот победник кој на аукција на рибниот пазар во Токио бил продаден за помалку од милион долари.

Купувачот на овогодинешниот рекордер, сопственик на ланец суши ресторани, Кијоши Кимура, кој и минатата година платил рекордна цена за туната, рекол дека овогодинешната била „малку скапа“, но и дека сакал да ја охрабри Јапонија со својата понуда. Тоа значи дека за рибата платил по 7600 долари за килограм. Овој вид туна е многу ценета во Јапонија поради квалитетното суши. Активистите за заштита на животната средина предупредиле дека оваа риба станала загрозена поради се поголемата побарувачка за нејзиното месо.