Прекрасниот стадион „Лусаил“ оддалечен 35 километри од катарската престолнина Доха попладнево од 16 часот ќе биде домаќин на финалето на Мундијалот 2022 во кое аргентинскиот капитен Лионел Меси има последна можност да го освои единствениот трофеј кој му недостасува во богатата кариера, додека Франција, од друга страна, ќе се обиде да стане само третата репрезентација на која ѝ успеало да ја одбрани светската титула, по Италија и Бразил.
Едно е сигурно – Франција или Аргентина по трет пат ќе стане светски првак.
Аргентина го игра шестото мундијалско финале, а на трофејот чека од 1986 година, кога Гаучосите предводени од Диего Марадона триумфираа на завршниот турнир во Мексико.
Меси, покрај шансата да ја освои светската титула, ќе стане фудбалер со најмногу настапи на светските првенства во историјата (26).
Од друга страна, Франција, предводена од Килијан Мбапе, го игра своето четврто финале на светските првенства, а трето во 21 век.
Со триумф на Франција, 23-годишниот Мбапе може да стане само вториот играч во историјата кој освоил двете светски титули пред да наполни 24 години, по легендарниот Бразилец Пеле.
Финалето е со почеток во 16 часот, а главен судија ќе биде Симон Марчинјак од Полска.
Во малото финале вчера Хрватска го совлада Мароко со 2-1.
OhridNews