Германскиот производител на спортска опрема Адидас објави денеска дека во некои земји има недостиг од дресови на аргентинската репрезентација пред утрешното финале против Франција на Светското првенство во Катар.

Поради зголемена побарувачка за аргентинските дресови ширум светот, на дел од пазарите се јави недостиг. Работиме на тоа да проследиме што е можно повеќе дресови за навивачите да можат да го слават ова неверојатно патување за таа репрезентација, рече портпаролот на Адидас.

Иако Аргентина беше единствената репрезентација со дресови на Адидас, која дојде до четвртфиналето, пласманот во финалето на Гаучосите предводени од Лионел Меси беше вистински „мелем“ за германската компанија, која тврди дека продажбата пораснала за 30 отсто во однос на 2018 година кога беше одржано последното Светско првенство.

Меси (35) в недела ќе се обиде да го освои единствениот трофеј кој му недостасува во кариерата, а на Аргентина да ѝ ја донесе третата титула светски првак.

OhridNews