Ќе се поставуваат полуподземни контејнери на „Македонски Просветители“. За реализирање на оваа активност на денешната одржана педесет и втора седница на Советот на Општина Охрид беше донесена одлука за издвојување на средства за оваа намена.

Дневниот ред беше дополнет со 5 нови точки, за прифаќање на предлог за воспоставување на меѓуопштинска соработка, предлог решение за именување членови на заедничката Комисија за подготовка на предлог актите за воспоставување на меѓуопштинската соработка, предлог програма за измени и дополнување на програмата за урбана опрема, изградба и одржување за 2025 година, предлог програма за измени и дополнување на програмата за други комунални услуги за 2025 година и предлог одлука за измена на средствата во буџетот на Општина Охрид.

Со првите две точки одлучивме да го дополниме Дневниот ред со оглед дека барањето за донесување на ваква одлука беше доставено до Општина Охрид по закажување на седницата, а причината за измена на предлог програмите е направената пренамена на средства, истакна секретарот Александар Китески.

Одлучивме да биде како дополнување на овој Дневен ред со оглед дека рокот за изработка на годишниот план за јавни набавки е до 31 јануари и со цел да не вршиме дополнителни измени и дополнувања дополнително, одлучивме оваа пренамена да ја направиме на оваа Седница. Со ваквата пренамена издвојуваме средства за набавка на полуподземни контејнери со кои ќе се решат одредени критични места во врска со управување со отпадот, посебно на локациите на булеварот „Македонски Просветители“. Постоечките контејнери кои претставуваат грда слика посебно во летниот период на неколку локации долж булеварот. Ќе има неколку локации кои се предложени од страна на ЈП Охридски Комуналец каде ќе се изврши замена на постоечките контејнери со вакви современи полузатворени контејнери за собирање на отпад, посочи Китески.

Н.С.Ј.