Oвој ден, 25 јануари, е ден на спомени и силни емоции, ден посветен на нашиот Тоше. Ќе остане да живее во нашите срца како голем човек, хуманист, заради музиката која извираше од неговата душа, а и поради мостовите меѓу луѓето кои со песна ги создаде. Ова го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој денес положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески на Гумење и ја посети НУ„Спомен куќа на Тодор Проески“ каде во чест на роденденот на Тоше се одржа концерт насловен „Ангел си ти“.
Тоше Проески не беше само музичар. Тој е симбол на љубов, надеж и единство. Неговите песни се светлост во темнината, инспирација и за новите генерации. Денес, во неговото родно Крушево, го посетив семејство на Тоше и положив цвеќе на неговото вечно почивалиште. Во Спомен-домот подигнат во негова чест, уште еднаш се евоцираат сеќавања за неговиот живот и дело. Како држава, ние сме посветени да ја негуваме и одржуваме почитта кон Тоше. Тоа е наша обврска и чест. Со одобрените средства од Владата за поддршка на проектите кои ќе го овековечат неговиот живот, ние потврдуваме дека Тоше Проески не е само минато, туку и иднина, рече Љутков.
Неговиот глас, додаде, ќе продолжи да се слуша, неговата љубов да се шири, а неговиот спомен секогаш да живее.
Музичката кариера Тоше ја започна со настапот на „Мелфест“ во 1997 година. Патот кон ѕвездите му го отворија песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998). Тој беше претставник на Република Македонија за песна на Евровизија во 2004 година во Истанбул, Турција, и го освои 14-то место.
Во 2004 година, Проески беше именуван за регионален Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја издаде песната „За овој свет“. Во својата кариера ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ден за нас“ (2004), „По тебе“ (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007).
Сингловите од албумот „По тебе“ и по неколку месеци се наоѓаа на највисоките места на музичките топ-листи во Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Словенија и Босна и Херцеговина. Неговото издание „Божилак“ е компилација од 14 избрани традиционални македонски песни. Објавени се и ДВД-изданија на негови концерти во 2004 и 2006 година. Негови најпознати хитови се „Усни на усни“, „Соба за тага“, „Ако ме погледнеш в очи“, „Тајно моја“, „Немаш ни благодарам“, „Срце не е камен“, „Кој ли ти гризе образи“ и други.
Загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно Владата на Република Македонија го прогласи за заслужен граѓанин на државата, а во Крушево во негова чест е изграден меморијален центар што го носи неговото име.
Н.С.Ј.
фото. Министерство за култура